COP31: Формирана меѓународна финансиска коалиција за забрзување на чистата електрификација во земјите во развој

Нова меѓународна коалиција, поддржана од Светска банка, развојни банки и приватни финансиски институции, ќе работи на мобилизирање инвестиции за чиста електрификација во земјите во развој, со цел да се надминат финансиските и регулаторните пречки за реализација на енергетските проекти.

На Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP31 во Анталија вчера беше најавено формирањето на новата меѓународна коалиција „Electrify Now Finance Coalition“, чија цел е да го забрза финансирањето на чистата електрификација во земјите во развој и економиите во подем.

Коалицијата обединува влади, мултилатерални развојни банки, меѓународни финансиски институции и претставници на приватниот финансиски сектор. Нејзината задача ќе биде да им помогне на земјите во развој да подготват инвестициски проекти, да ги намалат ризиците за инвеститорите, да ги надминат регулаторните пречки и да го подобрат пристапот до финансиски средства.

РЕКЛАМА

Иницијативата е временски ограничена и ќе функционира до COP33 во 2028 година, а Светската банка ќе биде копретседавач во 2027 година, заедно со претседателството на COP31 и Етиопија, која ќе биде домаќин на следната климатска конференција COP32.

Потребата од ваква иницијатива ја потврдуваат и податоците од новата анализа на организацијата „Sustainable Energy for All“ (SEforAll). Според анализата, земјите во развој генерираат околу 80% од растот на глобалната побарувачка за електрична енергија, но околу 90% од глобалните инвестиции во енергетската транзиција се насочени кон развиените економии и Кина. Африка добива само околу 2% од вкупните инвестиции.

Во рамки на истата иницијатива, Фондовите за климатски инвестиции (CIF) најавија и првите пет инвестиции во рамки на новата програма AMPLIFi. Станува збор за 94 милиони долари иницијално финансирање, наменети за проекти во земјите во развој, со кои се очекува да се мобилизираат повеќе од 1,2 милијарди долари приватни инвестиции.

Средствата ќе бидат насочени кон производство на чиста електрична енергија, развој и модернизација на електроенергетските мрежи, складирање енергија и проширување на електрификацијата.

Петте инвестиции опфаќаат гаранциска програма за обновливи извори и батериски системи во малите островски земји во развој, финансирање на електропреносната мрежа во Јужна Африка, гаранции за соларни и батериски проекти во Либерија, инвестиции во фондови за одржлива инфраструктура во Латинска Америка и Карибите, како и зелено кредитирање во 17 земји преку локалните банки.

Претседателот на COP31, Мурат Курум, истакна дека електрификацијата е поставена меѓу главните приоритети на овогодинешното претседателство и дека новата коалиција треба да помогне амбициите да се претворат во конкретни проекти и инвестиции.

– Оваа коалиција ќе им помогне на земјите во развој да создадат силна база на проекти и да ги привлечат инвестициите што им се потребни. Така COP31 започнува нова ера на електрификација, порача Курум.

Извршната директорка на Фондовите за климатски инвестиции, Тарије Гбадегесин, нагласи дека секој долар вложен преку програмата AMPLIFi се очекува да мобилизира од шест до 12 долари приватен капитал за проекти за чиста енергија.

Според неа, ваквиот модел овозможува јавните финансии да се искористат како поттик за поголеми приватни инвестиции, особено во земјите кои се соочуваат со високи трошоци за финансирање и ограничен пристап до капитал.

Покрај финансиската коалиција, на COP31 беше најавено и формирање на Центарот за техничка поддршка за електроенергетските мрежи во рамки на иницијативата „Green Grids Initiative“. Центарот ќе им обезбедува стручна помош на владите, регулаторите и операторите на електроенергетските системи во планирањето, финансирањето и модернизацијата на мрежите, интеграцијата на обновливите извори, складирањето енергија и дигитализацијата.

Новите иницијативи се надоврзуваат на пошироките напори за забрзување на глобалната електрификација, која се смета за еден од клучните предуслови за намалување на зависноста од фосилни горива, подобрување на енергетската безбедност и создавање поотпорни електроенергетски системи.

Според анализата на SEforAll, комерцијално достапните технологии веќе овозможуваат електрификација на околу 75% од глобалната финална потрошувачка на енергија во транспортот, зградите и значителен дел од индустријата. Електричните технологии, во просек, се околу трипати поенергетски ефикасни од технологиите што користат фосилни горива.

Анализата укажува дека главната пречка за побрза електрификација сè повеќе не е достапноста на технологијата, туку обезбедувањето финансии. Трошоците за капитал за проекти за чиста енергија во земјите во развој се најмалку двојно повисоки отколку во развиените економии.

Побрзата електрификација, според проценките, би можела до 2035 година да ги намали сметките за увоз на енергенси во земјите зависни од увоз на горива за повеќе од 400 милијарди долари годишно.

Во новата коалиција, покрај Светската банка, се вклучени и Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Меѓуамериканската банка за развој, Меѓународната агенција за енергија, Организацијата за економска соработка и развој, Фондовите за климатски инвестиции, УНИДО и други меѓународни организации и финансиски институции.

Извор: Electrifynow.world

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил