Цената на суровата нафта од типот Брент би можела да се намали на околу 60 долари за барел до крајот на годинава, доколку продолжи стабилизацијата на испораките преку Ормускиот Теснец и се подобрат условите на глобалниот пазар, оценуваат аналитичарите на американската банка „Ситигруп“.
Во најновата анализа на банката се наведува дека фундаменталните фактори повторно доминираат на пазарот, откако геополитичките ризици поврзани со конфликтот меѓу САД и Иран постепено се намалуваат.
Според аналитичарите, бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец се нормализира, физичкиот пазар на сурова нафта покажува знаци на слабеење, а залихите се намалуваат побавно од очекувањата. Дополнително, кинеската побарувачка останува слаба, што врши дополнителен притисок врз цените.
Нафтените пазари веќе бележат значителна корекција. Во вториот квартал цената на Брент се намали за околу 30%, со што ги избриша речиси сите добивки остварени за време на конфликтот на Блискиот Исток. Денеска Брент се тргуваше по цена од околу 71,9 долари за барел.
„Ситигруп“ препорачува инвеститорите да ги искористат евентуалните летни поскапувања за продажба, очекувајќи цената на Брент до крајот на годината да се движи меѓу 60 и 65 долари за барел.
Слични прогнози објавија и други големи финансиски институции. „Голдман Сакс“ оценува дека глобалниот пазар повторно се движи кон вишок на понуда по стабилизирањето на ситуацијата во Ормускиот Теснец, додека „Морган Стенли“ во последните недели двапати ги намали прогнозите за цената на нафтата, предупредувајќи на ризик од прекумерна понуда.
Ормускиот Теснец, низ кој се транспортира значителен дел од светската нафта, беше сериозно нарушен за време на конфликтот меѓу САД и Иран што започна кон крајот на февруари. По постигнувањето меморандум за прекин на непријателствата, аналитичарите очекуваат сообраќајот и снабдувањето постепено целосно да се нормализираат, што дополнително би придонело за намалување на цените на суровата нафта.
Извор: Bloomberg.com
