Отчет на Божиновска: ЕСМ догодина ќе покрива 70% од потребите на ЕВН Хоум, Владата очекува пониски сметки за струја

Скопје. 18 јуни 2026 – Од јануари 2027 година државната енергетска компанија ЕСМ повеќе нема целосно да ги покрива потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Наместо досегашните 100%, ЕСМ ќе обезбедува најмногу 70% од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, додека преостанатите количини ќе се набавуваат на слободниот пазар.

Министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека станува збор за последниот чекор од реформската агенда во енергетскиот сектор и дека сите други обврски веќе се реализирани.

И покрај намаленото учество на државното производство во снабдувањето на домаќинствата, Божиновска не очекува поскапување на електричната енергија. Напротив, според неа, сегашните состојби на европските берзи отвораат простор за намалување на цените.

РЕКЛАМА

„Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија и дека веќе и Грција извезува, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени. Меѓутоа, тоа е сепак берза, може да има и скокови и падови“, изјави Божиновска.

Таа нагласи дека Владата располага и со резервни механизми доколку глобалните енергетски движења предизвикаат нов раст на цените.

Во фокусот на енергетските политики останува и забрзаното инвестирање во обновливи извори на енергија. Само годинава се одобрени проекти што би донеле дополнителни четири гигавати нови капацитети и батериски системи со инсталирана моќност од два гигавати. За 2027 година веќе се поднесени повеќе од 700 иницијативи за нови енергетски проекти.

Според министерката, клучна улога во наредниот период ќе има МЕПСО, која треба да обезбеди услови за приклучување на новите електрани кон електропреносната мрежа.

„За оние што веќе се влезени во план за изградба, МЕПСО треба да даде варијанта за приклучок, инвеститорот треба да одговори дали таа варијанта му одговара, дали е согласен со цената. Потоа, МЕПСО треба да го даде одобрението за приклучок“, рече Божиновска.

Податоците за 2025 година покажуваат дека Македонија веќе достигнала 58% производство на електрична енергија од обновливи извори, што е над европскиот просек и над целта од 50% . Според Министерството за енергетика, токму зголеменото производство од сончеви и други обновливи извори придонесува за падот на цените на електричната енергија.

„Капацитети за обновливи извори на енергија се градат насекаде. Сега цената на струјата е ниска, имаме и нула цени“, потенцираше министерката.

Поради променетите пазарни услови, повторно се отвора и прашањето за блок-тарифите што беа воведени за време на енергетската криза. Божиновска смета дека има основа за преиспитување на сегашниот модел, но потсетува дека конечната одлука е во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика.

„Блоковите беа донесени кога цените на електричната берза изнесуваа 700, 800 или 1.000 евра за мегават час. Сега имаме комплетно друга слика, имаме цени нула“, изјави таа.

На брифингот со новинарите беше отворена и темата за најавените дата-центри во земјава. Божиновска оцени дека државата треба да создаде регулаторни услови за вакви инвестиции, додека обврската за обезбедување вода, електрична енергија и друга инфраструктура ќе биде на инвеститорите.

„Ако станува збор за приватен инвеститор, тој ќе треба да си обезбеди и простор и приклучок за електрична енергија и вода. Тој треба да си ги обезбеди сите одобренија. Ако постои можност, ќе има и приклучок. Тоа се големи инвестиции и добро е да може да ги искористиме“, рече министерката.

Наредната година ќе биде клучна за одредување на новата цена на струјата, која ќе зависи и од движењата на европските берзи, но и од ефектите што ќе ги даде забрзаната транзиција кон обновливи извори на енергија.

Министерката на брифингот направи и поширок осврт на сработеното во втората година од мандатот на Министерството за енергетика, оценувајќи дека се поставени темелите за модернизација на секторот и зајакнување на енергетската безбедност на државата. Како клучни достигнувања ги издвои усвојувањето на новиот Закон за енергетика, кој е усогласен со европското законодавство, обезбедувањето 65,7 милиони евра европска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурно поврзување, како и напредокот во интеграцијата на земјата кон европскиот енергетски пазар.

„Во изминатиот период работевме на воспоставување стабилна и предвидлива правна рамка, на реализација на стратешки инфраструктурни проекти и на создавање услови за нов инвестициски циклус во енергетиката“, истакна Божиновска.

Таа посочи дека продолжуваат активностите за изградба на гасните интерконекции со Грција и Србија, додека повторното ставање во функција на продуктоводот Солун–Скопје по 13 години претставува значаен чекор за посигурно снабдување со нафтени деривати. Како дел од развојните проекти беше издвоен и батерискиот систем за складирање електрична енергија со капацитет од 300 мегават-часови, кој се реализира во соработка со Европската банка за обнова и развој.

Осврнувајќи се на следните приоритети, министерката најави дека фокусот ќе биде ставен на спроведувањето на новиот Закон за енергетика, усвојувањето на законите за обновливи извори, рударство и геологија, како и на натамошната интеграција на земјата во европскиот енергетски пазар.

„Целта е Македонија да биде енергетски посигурна, поконкурентна и подготвена за предизвиците на зелената транзиција“, порача Божиновска.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил