Божиновска: Енергетската безбедност се гради со диверзификација и домашни капацитети

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за агенцијата Макфакс порача дека енергетската безбедност денес не се гради врз зависност од еден извор, туку преку диверзификација, регионално поврзување и зајакнување на домашните капацитети. Според неа, геополитичките случувања ја наметнале енергетиката како клучно прашање за економската стабилност, националната отпорност и регионалната соработка.

Божиновска во интервјуто вели дека Македонија веќе влегува во фаза на структурна трансформација на енергетскиот сектор. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика за 2025 година, вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите достигнал 3.162,5 мегавати, што е зголемување од 178,6 мегавати во однос на претходната година. Од нив, околу 58% се капацитети од обновливи извори на енергија.

„Следната фаза мора да биде мрежа, складирање, балансирање и управување со системот“, посочи министерката, додавајќи дека батериските системи веќе стануваат составен дел од новата енергетска архитектура.

РЕКЛАМА

Таа оцени дека енергетската дипломатија денес претставува еден од најважните инструменти за економско и стратешко позиционирање на државата. Во таа насока ги издвои средбите и иницијативите реализирани во САД, Женева, Делфи, Виена и Адис Абеба.

Како особено значаен чекор го посочи потпишаниот Меморандум за разбирање со САД за унапредување на безбедноста на снабдувањето со природен гас, кој, според неа, отвора можности за институционална соработка, диверзификација на изворите и пристап до ЛНГ-капацитети.

„Тоа е важен сигнал дека нашата енергетска политика се движи од зависност кон поголема флексибилност и избор“, нагласи Божиновска.

Во интервјуто министерката се осврна и на критичните минерални суровини, кои, како што рече, стануваат нова стратешка тема на глобалната енергетика. Таа информираше дека е обезбедена американска поддршка од пет милиони долари за истражувања поврзани со антимон, со цел државата да располага со прецизни геолошки податоци за критичните материјали.

Божиновска најави и нова регулаторна рамка за обновливите извори на енергија, која треба да донесе појасни правила за инвеститорите, приклучувањето на мрежата, складирањето и балансирањето на системот. Според неа, во 2025 година биле приклучени нови електроцентрали со капацитет од 178,57 мегавати, од кои најголем дел се фотонапонски централи.

Министерката потенцираше дека МЕПСО веќе работи на изработка на Grid Masterplan, кој треба да овозможи интеграција на најмалку 1,7 гигавати обновливи извори до 2030 година. Таа оцени дека паметната мрежа е суштински предуслов за следната фаза од енергетската транзиција.

Осврнувајќи се на енергетската ефикасност, Божиновска рече дека Министерството, со поддршка од Француската агенција за развој, работи на програма за енергетска обнова на јавни објекти вредна најмалку 50 милиони евра. Во првата фаза се идентификувани 14 приоритетни објекти со вкупна површина од околу 100.000 квадратни метри.

Паралелно, како што истакна, се подготвуваат и нов Закон за геологија и нов Закон за рударство, со кои треба да се воспостави посовремена и европски усогласена рамка за истражување, експлоатација и заштита на животната средина.

„Минералните суровини се стратешки ресурс, но нивното користење мора да биде врз основа на јасни правила, стручни податоци, силен надзор и еколошка одговорност“, порача Божиновска.

Извор: Макфакс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил