Инвестицијата ќе достигне половина милијарда долари
Изградбата на ветерниот парк „Штип“ на „Алказар Енерџи Партнерс“ влегува во нова фаза по успешното финансиско затворање на проектот, кој според најавите на Владата во целост ќе достигне вредност од околу половина милијарда долари и ќе донесе значаен нов производствен капацитет од обновливи извори.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, при одбележувањето на финансиското затворање на проектот, оцени дека инвестицијата претставува важен чекор за македонскиот енергетски сектор, имајќи предвид дека електричната енергија ќе се произведува за слободниот пазар.
„Отпочнуваме инвестиција којашто на крајот, кога ќе биде целосно реализирана, ќе вреди околу половина милијарда долари. Но она коешто мене дополнително ме охрабрува е фактот што од инвеститорот слушнав дека тука ниту почнуваат, ниту завршуваат нивните планови за инвестирање во Македонија“, рече Мицкоски.
Ветерниот парк се гради на подрачјето на општините Штип, Радовиш и Карбинци, а реализацијата веќе е видлива на терен. Според премиерот, проектот покажува дека со координација меѓу институциите, инвеститорите и финансискиот сектор може да се реализираат големи енергетски инвестиции.
„Денеска гледаме десетици градежни машини, би рекол стотици градежни машини, гледаме почеток на инсталирањето на производните капацитети, на ветерниците, гледаме институции коишто партнерски работеа и докажаа дека кога партнерски се работи, позитивниот резултат е неизбежен“, истакна Мицкоски.
Според него, проектот ќе донесе неколку стотици работни места, нова патна инфраструктура и производство од околу 1 TWh електрична енергија годишно.
„Би сакал уште неколку факти за инвестицијата. Станува збор за неколку стотици работни места, станува збор за нова патна инфраструктура во овој дел од општините низ коишто ќе поминува овој ветерен парк, станува збор за 1 терават час електрична енергија од обновливи извори, тоа е отприлика еден милион мегават-часови, нешто коешто досега е незабележано во нашата историја и нешто коешто, кога сè ова ќе биде реалност, на крајот од годината ќе претставува нето енергетски независна Македонија“, рече премиерот.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува ваквите инвестиции, особено проектите кои не зависат од државниот откуп на произведената електрична енергија, туку ја продаваат на слободниот пазар.
„Затоа ја користам оваа прилика да испратам силна порака и до инвеститорот, но и до заемодавателите, дека ние како Влада имаме врвен приоритет да поддржуваме ваков тип „гринфилд“ инвестиции, посебно инвестиции во коишто самиот инвеститор сето она коешто ќе го произведе ќе го продава на слободниот пазар и ќе придонесува позитивно во македонскиот БДП и македонската економија“, нагласи Мицкоски.

Премиерот посочи дека потенцијалот за нови инвестиции во обновливи извори го гледа и во растечката европска побарувачка за електрична енергија, особено поради развојот на вештачката интелигенција и дата-центрите.
Тој оцени дека Македонија би можела значително да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, при што потенцијалот го процени на до 24 TWh, што, според неговата пресметка, би претставувало бизнис од околу 2 милијарди евра годишно.
„Имајќи го тоа предвид, потенцијалот којшто може да го имаме ние како држава да го инвестираме во производни капацитети, а потоа да го произведеме како електрична енергија, е еднаков на 24 терават часови. Тоа можеби само како бројка не значи ништо, но кога сето тоа би се помножило со цената на електричната енергија, би зборувале за бизнис од отприлика 2 милијарди евра годишно, којшто треба да го зголеми македонскиот БДП и да придонесува позитивно во македонската економија“, рече Мицкоски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека успешното финансиско затворање е една од најважните пресвртници за реализацијата на ветерниот парк „Штип“, бидејќи со него се обезбедени финансиските и договорните услови за продолжување на изградбата.
„Енергетската независност не се прогласува. Таа се гради. Се гради со нови производствени капацитети, со одговорни инвестиции, со знаење и со институции што имаат јасна насока. Се гради со одлуки чија вредност нема да се мери само денес, туку и во децениите што доаѓаат“, истакна Божиновска.
Таа порача дека државата треба да обезбеди стабилен и предвидлив инвестициски амбиент, но истовремено да не ги намалува стандардите за заштита на животната средина и локалните заедници.
„Ќе се залагаме за поефикасни постапки, но не и за пониски стандарди. Ќе ги поттикнуваме инвестициите, но ќе инсистираме тие да бидат одговорни кон просторот, животната средина и локалните заедници“, рече Божиновска.
Министерката предупреди и дека новите производствени капацитети мора да се планираат заедно со развојот на електроенергетската мрежа и складирањето на енергијата.

„Ниту еден голем енергетски проект не треба да го гледаме изолирано. Новите производствени капацитети мора да ги планираме заедно со развојот на мрежата, можностите за складирање енергија и потребите за сигурно управување со системот. Нашата цел не е само да имаме повеќе инсталирани мегавати. Нашата цел е тие мегавати да бидат дел од посилен и поотпорен електроенергетски систем“, порача Божиновска.
Ветерниот парк „Штип“ со тоа се позиционира како еден од позначајните нови проекти во македонскиот сектор на обновливи извори, не само по обемот на инвестицијата, туку и по количината на електрична енергија што треба да ја произведува и по очекуваниот ефект врз локалната економија.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да работи на привлекување нови инвестиции во енергетиката и оцени дека Македонија има потенцијал природните ресурси, особено ветерот, да ги претвори во нов извор на економски раст.
„Имајќи го сето ова предвид, имајќи ги предвид целите на Владата и стратешката ориентација да бидеме раскрсница во овој дел од Европа и регионот, не само од аспект на патната и железничката, туку имајќи ја предвид и енергетската инфраструктура, ние како Влада недвосмислено на врвот на нашите приоритети ја ставаме поддршката на ваков тип гринфилд инвестиции“, рече премиерот.
Енергетика 24
