Инвестицијата на Алказар Енерџи во најголемиот ветерен парк во Македонија влегува во нова фаза, откако инвеститорот потпиша договор вреден 53,76 милиони евра со хрватските компании Кончар и Далековод за изградба на клучната електроенергетска инфраструктура и дел од самата ветерна електрана.
Според соопштението објавено на Загрепската берза, договорот опфаќа изградба на ветерен парк со инсталирана моќност од околу 337,5 мегавати, трафостаницата „Балталија“ со напонско ниво од 400/35 киловолти и двосистемски 400-киловолтен далновод преку кој електраната ќе биде приклучена на македонската преносна мрежа.
Од вкупната вредност на договорот, 22,49 милиони евра се наменети за изградба на трафостаницата и далноводот, додека 31,27 милиони евра се однесуваат на работите поврзани со изградбата на ветерниот парк.
Ова е уште еден значаен чекор во реализацијата на проектот на Алказар Енерџи, кој се смета за една од најголемите приватни инвестиции во секторот на обновливите извори на енергија во Македонија. Со планираниот капацитет од 337,5 MW, ветерниот парк ќе биде најголем од ваков тип во земјава и ќе има значајно учество во домашното производство на електрична енергија од обновливи извори.
Изборот на Кончар и Далековод не е изненадување, имајќи предвид дека двете компании веќе се активно присутни на македонскиот пазар. Минатата година Далековод, како носител на меѓународен конзорциум, доби договор за изградба на 400-киловолтниот интерконективен далновод Битола–Охрид, додека Кончар е изведувач на новата трафостаница во Охрид.
Кончар, кој поседува 75,16% од акциите на Далековод, во соопштението наведува дека со новиот договор дополнително го зајакнува своето присуство во Македонија и ја потврдува експертизата во реализација на комплексни енергетски проекти, особено во областа на обновливите извори на енергија.
Проектот на Алказар Енерџи претставува еден од клучните енергетски зафати во земјата и треба значително да придонесе за зголемување на производството на зелена електрична енергија, како и за исполнување на националните цели за енергетска транзиција.
Енергетика 24
