Батериските системи за складирање електрична енергија бележат невиден раст и сè поинтензивно ја менуваат структурата на глобалните електроенергетски системи. Поттикнати од наглиот пад на цените, технолошките иновации и потребата од поголема флексибилност во производството и потрошувачката на струја, батериите денес се сметаат за едно од најважните решенија во енергетската транзиција кон обновливи извори.
Според најновите анализи на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), 2025 година донела рекордно зголемување на батериските капацитети ширум светот. Вкупно биле инсталирани 108 гигавати нови системи за складирање енергија, што претставува раст од околу 40% во споредба со 2024 година. Со ова, батериската индустрија го надминала дури и историскиот максимум на изградба на гасни електрани, кој изнесувал 107 гигавати во 2002 година.
Експертите оценуваат дека батериите повеќе не се само дополнителна технологија, туку стануваат централен дел од современите енергетски системи. Нивната улога е особено важна во земјите кои брзо ги зголемуваат капацитетите за производство на електрична енергија од сонце и ветер – извори кои зависат од временските услови и чие производство варира во текот на денот.
Токму затоа батериите добиваат стратешко значење. Тие овозможуваат вишокот енергија произведена преку ден да се складира и да се користи во вечерните часови, кога потрошувачката е најголема. Овој процес, познат како „енергетско поместување“, денес е доминантната функција на новите батериски проекти во светот.
Кина, САД и Австралија предводат во инвестициите
Најголем глобален пазар и натаму е Кина, која во 2025 година инсталирала повеќе од 63 гигавати нов батериски капацитет. Од нив, околу 55 гигавати се големи индустриски системи поврзани со електроенергетската мрежа, додека остатокот се домашни и комерцијални батериски системи поврзани со соларни панели.
Силен раст бележат и САД, каде лани биле додадени 19 гигавати батериски капацитети, околу 60% повеќе во однос на претходната година. Особено се издвојува Калифорнија, која денес располага со повеќе од 17 гигавати батериски капацитет, наспроти помалку од 1 гигават во 2019 година.
Во Европа, иако вкупниот раст е нешто понизок од претходната година, се случува значајна трансформација. Сè поголем дел од инвестициите се насочуваат кон големи батериски централи, наместо кон помали домашни системи.
Меѓу највпечатливите примери е Австралија, каде инсталациите достигнале речиси 8 гигавати, дури девет пати повеќе отколку во 2024 година. Растот е поттикнат од државни субвенции и агресивна политика за развој на обновливи извори.
Значителен подем има и на Блискиот Исток. Во Саудиска Арабија батериите стануваат клучен инструмент за стабилизација на мрежата, особено поради масовната изградба на соларни и ветерни електрани. Само во овој регион во 2025 година биле инсталирани повеќе од 3 гигавати нови батериски капацитети.
Батериите стануваат „чувари“ на електроенергетските системи
Современите батериски системи повеќе не служат само за складирање енергија. Тие играат сè поважна улога во одржувањето на стабилноста на електроенергетските мрежи, особено во моменти кога потрошувачката нагло расте или производството од обновливи извори опаѓа.
Во Калифорнија, на пример, батериските системи во март годинава во одреден момент обезбедиле повеќе од 40% од вкупната вечерна потрошувачка на електрична енергија. Во последните пет години нивниот придонес во балансирањето на системот пораснал од помалку од 1% на над 60%.
Слични трендови се забележуваат и во Тексас, Јужна Австралија и Велика Британија, каде батериите сè почесто ја преземаат функцијата што традиционално ја имаа гасните електрани, брзо реагирање и стабилизирање на мрежата.
Во Јужна Австралија, каде уделот на ветерната и соларната енергија е меѓу највисоките во светот, батериите веќе обезбедуваат повеќе од 30% од потребите за балансирање на системот.
Драстичен пад на цените ја забрзува револуцијата
Една од главните причини за експанзијата е огромниот пад на цените на батериските технологии. Од 2010 до 2025 година, цените на батериите се намалиле за повеќе од 90%, благодарение на технолошкиот напредок, масовното производство и зголемената конкуренција на глобалниот пазар.
Покрај тоа, батериските проекти имаат уште една значајна предност – брзата изградба. За разлика од нуклеарните или гасните електрани, кои се градат со години, батериските централи можат да бидат завршени за помалку од една година. Во повеќето земји, целиот процес од планирање до пуштање во употреба трае околу две години.
Токму ова ги прави батериите особено атрактивни за државите кои брзо сакаат да обезбедат дополнителна енергетска стабилност.
Регулативата останува најголем предизвик
И покрај силниот раст, аналитичарите предупредуваат дека развојот на батериските системи може да биде забавен од административни и регулаторни пречки. Долгите процедури за добивање дозволи, приклучување на електроенергетската мрежа и недоволно јасните правила во одредени земји остануваат сериозен проблем за инвеститорите.
Дополнително, експертите нагласуваат дека е неопходно државите да создадат регулативи кои целосно ќе ја препознаат вредноста на батериите – не само како системи за складирање енергија, туку и како клучни алатки за стабилност, сигурност и ефикасност на електроенергетските системи.
Сепак, прогнозите остануваат оптимистички. Светската енергетска индустрија очекува батериското складирање во наредната деценија да стане еден од најважните столбови на глобалната енергетска трансформација, овозможувајќи побрз премин кон почиста, поодржлива и пофлексибилна енергетика.
Извор: IEA.org
