Со растот на температурите, растат и стравувањата од високите сметки за електрична енергија. Во летниот период клима-уредите, вентилаторите и апаратите за домаќинство работат речиси без престан, а интернетот е преплавен со совети за заштеда. Но, кои од нив навистина даваат резултат?
Енергетски експерти и професионалци за климатизација објаснуваат дека најголемата заштеда не доаѓа од „магични трикови“, туку од правилно користење и одржување на системите во домот.
Според Брендон Јанг, главен извршен директор на Payless Power еден од најчестите совети, исклучување на уредите од штекер кога не се користат, навистина може да помогне, бидејќи многу електронски уреди продолжуваат да трошат струја и кога се во мирување.
„Телевизори, полначи, конзоли и компјутери користат мала количина електрична енергија дури и кога не работат активно. Поединечно тоа не изгледа многу, но на годишно ниво може да се почувствува на сметката“, објаснува Јанг.
Сепак, тој додава дека најголемата разлика сепак ја прави правилното одржување на системот за ладење.
Експертите предупредуваат дека нечистите филтри, затнатите отвори за воздух и лошата циркулација ја принудуваат климата да работи подолго и со поголема потрошувачка.
Лиза Шејверс, генерален менаџер за HVAC во Oncourse Home Solutions советува редовно чистење и замена на филтрите, проверка на вентилацијата и отворање на внатрешните врати за воздухот полесно да циркулира низ домот.
„Кога воздухот не може правилно да се движи, системот мора да работи многу понапорно за да ја постигне саканата температура“, вели Шејверс.
Таа посочува дека многу луѓе прават грешка така што ги блокираат вентилационите отвори со мебел, теписи или завеси, што дополнително ја намалува ефикасноста на ладењето.
Еден од наједноставните чекори за намалување на потрошувачката е замената на старите светилки со LED осветлување. LED светилките трошат значително помалку струја и произведуваат помалку топлина, што е особено важно во летните месеци.
Експертите препорачуваат и користење паметни светилки и тајмери, со кои светлата автоматски се исклучуваат кога нема никој во просторијата.
Посебно внимание треба да се обрне и на користењето на апаратите што создаваат топлина. Машините за сушење алишта, рерните и машините за садови ја загреваат внатрешноста на домот и ја зголемуваат потребата од ладење.
Поради тоа, Лиза Шејверс советува готвењето и перењето да се прават рано наутро или навечер, кога температурите се пониски.
„Дури и мали промени во навиките можат значително да влијаат врз температурата во домот и врз потрошувачката на струја“, вели таа.
Дополнителна заштита од жештините може да се постигне со затворање ролетни и затемнувачки завеси во текот на денот, особено на прозорците изложени на директно сонце.
Брендон Јанг открива дека токму затемнувачките завеси во неговиот дом значително ја намалиле работата на клима-уредот во попладневните часови.
Експертите велат дека една од најисплатливите инвестиции на долг рок е паметен термостат. Овие уреди автоматски ја регулираат температурата во зависност од тоа дали некој е дома, со што се избегнува непотребно ладење на празен простор.
„Многу луѓе мислат дека ако ја намалат температурата на 18 степени, домот ќе се излади побрзо. Тоа не е точно. Клима-уредот едноставно ќе работи подолго и ќе потроши повеќе струја“, предупредува Шејверс.
Наместо тоа, експертите препорачуваат термостатот да биде поставен на умерена температура, а додека никој не е дома, неколку степени повисоко.
Според нив, комбинацијата од редовно одржување, паметно користење на апаратите и подобра изолација може значително да ги намали летните сметки за електрична енергија, без жртвување на удобноста во домот.
Извор: TheSpruce.com
