Речиси 30% од автомобилите продадени годинава ќе бидат електрични

Глобалната продажба на електрични автомобили продолжува со силен раст и во 2026 година, при што се очекува речиси 30% од сите новопродадени возила во светот да бидат електрични, покажува најновиот извештај Global EV Outlook 2026 на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Според прогнозите, годинава во светот ќе бидат продадени околу 23 милиони електрични автомобили, по рекордните резултати во 2025 година, кога продажбата порасна за 20% и надмина 20 милиони возила. Тоа значи дека секој четврти нов автомобил продаден лани бил електричен.

Извештајот наведува дека растот на пазарот се случува во услови на глобална енергетска криза и нестабилни цени на нафтата, предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток, што дополнително ги поттикнува владите и потрошувачите да се насочат кон електрични возила.

РЕКЛАМА

„Продажбата на електрични автомобили постави нови рекорди во речиси 100 земји минатата година. Растечката популарност на EV-возилата претставува голема трансформација и за автомобилската индустрија и за енергетскиот систем во целина“, изјави извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол.

Иако во првиот квартал од 2026 година глобалната продажба на електрични автомобили забележа пад од 8% во споредба со истиот период минатата година, главно поради промени во политиките во Кина и САД, многу други региони продолжија со експлозивен раст.

Во Европа продажбата пораснала за речиси 30% на годишно ниво, во азиско-пацифичкиот регион без Кина растот достигнал 80% , додека во Латинска Америка бил забележан скок од 75%. Само во март, околу 90 земји во светот регистрирале раст на продажбата на електрични возила, а 30 од нив поставиле нови месечни рекорди.

Кина и натаму доминира на глобалниот EV-пазар. Кинеските производители минатата година обезбедиле 60 проценти од сите продадени електрични автомобили во светот, а земјата произвела речиси три четвртини од вкупното глобално производство. Поради заситување на домашниот пазар, кинескиот извоз на електрични автомобили се удвоил и надминал 2,5 милиони возила.

Извештајот посочува дека електричните возила стануваат сè поконкурентни во однос на цената, особено по падот на цените на батериите, што дополнително ја зголемува нивната привлечност кај потрошувачите загрижени од нестабилните цени на горивата.

Според сегашните проекции, до 2035 година глобалниот возен парк на електрични автомобили би можел да достигне дури 510 милиони возила, во споредба со околу 80 милиони денес.

Паралелно со автомобилите, значително расте и продажбата на електрични камиони, особено во Кина, додека електричните мотоцикли и трицикли остануваат најбрзо електрифицираниот сегмент во патниот транспорт.

ИЕА ја издвојува Југоисточна Азија како регион со особено силен моментум, каде продажбата на електрични автомобили минатата година повеќе од двојно се зголемила и достигнала пазарен удел од близу 20 проценти. Во Виетнам, најголемиот EV-пазар во регионот, веќе се најавени нови даночни олеснувања за електрични возила како дел од мерките за справување со енергетската криза.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил