Ацо Ристов за ТВ 24: Наместо два, евтината дневна тарифа може да трае пет часа

Во интервју за ТВ 24, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, најави можни промени во системот на тарифирање на електричната енергија, со кои граѓаните би добиле подолг период на евтина дневна струја и пониски сметки.

Ристов посочи дека во моментов се прават детални анализи за блок-тарифите, кои биле воведени за време на енергетската криза во 2021 и 2022 година. Според него, состојбите на енергетскиот пазар денес се значително променети, особено поради големиот раст на инвестициите во обновливи извори на енергија, пред сè во фотоволтаични и ветерни електрани.

Тој објасни дека Македонија во последните години бележи сериозно зголемување на производството на електрична енергија од сонце, што создава хиперпродукција во текот на денот. Наместо таа енергија да останува неискористена или да се продава по минимални цени на берзите, идејата е преку државниот систем да се насочи кон домаќинствата.

РЕКЛАМА

„Сега работите на пазарот се променети. Во минатото логиката беше евтината тарифа да биде навечер, но денес најевтината струја е токму преку ден, кога има најголемо производство од фотоволтаиците“, истакна Ристов во интервјуто за ТВ 24.

Како една од можните мерки, РКЕ разгледува евтината дневна тарифа да се прошири од сегашните два на пет часа дневно. Во исто време, ноќната тарифа би останала, но можно е да се смени нејзиниот временски период, зависно од анализите и движењата на цените на електричната енергија на берзите.

Според Ристов, целта е граѓаните да се мотивираат да ја користат електричната енергија тогаш кога таа е најевтина за производство. Тој посочи дека државата треба да најде начин подобро да ја менаџира домашната енергија произведена од обновливи извори, наместо да продолжи со скапо производство од јаглен и дополнителни субвенции.

Првиот човек на РКЕ нагласи дека се разгледува и можноста за намалување на цената во првиот тарифен блок. Како пример наведе дека доколку сегашната цена изнесува околу 4,7 денари по киловат-час, можно е таа да се намали и на околу 3,7 денари, доколку анализите покажат дека системот може да го издржи тоа.

Тој додаде дека во процесот ќе бидат вклучени Министерството за енергетика, Владата, операторите, дистрибутерите и производителите на електрична енергија, со цел да се креира модел што ќе биде одржлив и поволен за потрошувачите.

Ристов оцени дека е нелогично ист производ, електричната енергија, да се наплаќа по четири различни тарифи и најави дека РКЕ ќе работи на приспособување на тарифниот систем кон новите услови на пазарот.

Анализите и можните предлози за промени, според најавите, се очекува да бидат готови до крајот на летото.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил