Светскиот пазар на нафта нема да може целосно да се стабилизира пред 2027 година доколку блокадата и нарушувањата во Ормускиот теснец продолжат и по средината на јуни, предупреди извршниот директор на саудискиот енергетски гигант „Арамко“, Амин Насер.
Во обраќање до инвеститорите по објавувањето на кварталните резултати на компанијата, Насер оцени дека дури и ако Ормускиот теснец веднаш биде повторно отворен, ќе бидат потребни месеци за глобалниот енергетски пазар повторно да се балансира.
„Ако Ормускиот теснец се отвори денес, на пазарот сепак ќе му бидат потребни месеци за повторно да се стабилизира. Доколку отворањето се одложи уште неколку недели, нормализацијата може да трае до 2027 година“, изјави Насер.
Ормускиот теснец, преку кој пред конфликтот минуваа околу 20% од светските испораки на нафта, е речиси парализиран од почетокот на март поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран.
Според Насер, најголемиот проблем во моментов не е само недостигот од нафта, туку хаосот во глобалната танкерска флота. Повеќе од 600 бродови, претежно танкери за нафта и нафтени деривати, се блокирани во Персискиот Залив, додека уште околу 240 чекаат надвор од теснецот.
„Флотата е целосно нарушена. Дел од танкерите се распоредени на погрешни локации и ќе биде потребно време тие повторно да се позиционираат за да се обноват ланците на снабдување“, рече Насер.
Тој предупреди дека светскиот пазар губи околу 100 милиони барели нафта неделно додека теснецот останува затворен. Досега, според проценките на „Арамко“, глобалната загуба надминала една милијарда барели, иако дел од штетата е ублажена преку пренасочување на испораките и користење стратешки резерви.
Саудиска Арабија во меѓувреме го зголемила капацитетот на својот нафтовод „Петролајн“, кој ја заобиколува рутата преку Ормутскиот теснец и транспортира сурова нафта до Црвеното Море. Според Насер, капацитетот на системот сега достигнува седум милиони барели дневно.
Тој предупреди и дека глобалните резерви на горива, особено бензин и авионско гориво, брзо се намалуваат во пресрет на летната сезона на патувања.
„Ова може да доведе до критично ниски нивоа на резерви пред летната сезона на возење и патувања“, рече Насер.
Според него, нарушувањата во Ормускиот теснец веќе претставуваат „најголем енергетски шок во историјата“, а притисокот врз глобалното снабдување се засилува со секој изминат ден.
Извор: CNBC.com
