Скопје, 6 мај 2026 – Со официјалното пуштање во работа на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО ДООЕЛ направи суштински чекор кон модернизација на домашниот енергетски систем и негово усогласување со европските практики. Настанот се одржа во Скопје, во присуство на претставници од Владата, енергетскиот сектор, регулаторни тела и меѓународни организации.
Интрадеј пазарот претставува клучен сегмент на организираното тргување со електрична енергија, овозможувајќи купопродажба во текот на самиот ден на испорака. Со тоа се овозможува побрзо прилагодување на понудата и побарувачката, подобро балансирање на системот и значително намалување на трошоците за дебаланс – еден од главните предизвици во современите електроенергетски системи, особено во услови на зголемено учество на обновливи извори.

Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање го оцени почетокот на Интрадеј пазарот како доказ за конкретен напредок во реформите:
„Ова не е само нова техничка алатка или уште една административна процедура. Ова е сериозен исчекор кон модерна, стабилна и европски усогласена енергетика. Во време кога енергетиката е едно од најважните прашања за секоја држава, нашата обврска е да создадеме систем кој ќе биде сигурен, конкурентен и отпорен на глобалните предизвици.“
Тој нагласи дека новата платформа овозможува „поголема флексибилност во управувањето со електроенергетскиот систем, подобро балансирање и поефикасно користење на енергијата во реално време“, додавајќи дека земјата мора активно да се вклучи во европските енергетски текови.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека оваа реформа е само почеток на поширок процес на интеграција:
„Ова е само почетната станица за нашето целосно интегрирање во европското енергетско семејство. Во следниот период продолжуваме со понатамошно развивање на пазарните механизми, продлабочување на регионалната соработка и приклучување кон процесите на спојување на пазарите во Европа.“
Од аспект на операторот, генералниот директор на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, подвлече дека со воведувањето на Интрадеј пазарот се воведува ново ниво на прецизност во функционирањето на системот:
„Од денес, нашиот пазар не само што планира за утре – туку функционира во реално време. На организиран пазар, цената не се одредува административно, туку преку понуда и побарувачка. Јасниот ценовен сигнал е основа за ефикасен систем.“
Ѓорѓиевски укажа и на предизвиците што произлегуваат од европските регулаторни рамки, особено механизмот CBAM, оценувајќи дека тие можат да влијаат врз ликвидноста и конкурентноста на домашните производители. „Зелената транзиција е неопходна, но мора да биде праведна, постепена и економски одржлива“, рече тој.
Регионалниот контекст и значењето на интеграцијата беа истакнати и од Анже Предовник, кој оцени дека почетокот на пазарот е резултат на координирани напори:
„Заедничките напори, јасната визија на Владата, посветеноста на тимот на МЕМО и нашата работа го овозможија тоа – македонскиот интрадневен пазар официјално да започне со работа. Она што е пред нас е интеграцијата во единствениот европски пазар.“
Слична порака испрати и Мартин Мартиновски, кој нагласи дека новиот пазар ќе ја позиционира државата како стабилен партнер во регионалниот систем:
„Интрадневниот пазар ќе ја позиционира Македонија како сигурен партнер во регионалниот електроенергетски систем, во кој секој мегават нискојаглеродна флексибилност ќе придонесува за балансирање на системите.“
Интрадеј пазарот е имплементиран во соработка со регионални и европски партнери, користејќи ја платформата M7 на Deutsche Börse – една од најшироко применуваните технологии за ваков тип тргување во Европа. Ова, според организаторите, гарантира сигурност, транспарентност и усогласеност со најдобрите европски практики.
Со овој чекор, домашниот пазар на електрична енергија добива алатка за поефикасно управување со ризиците, подобрување на ликвидноста и поттикнување на конкуренцијата. Истовремено, се создаваат предуслови за поголеми инвестиции, особено во обновливи извори, каде што флексибилноста и брзото реагирање на пазарните сигнали се од клучно значење.
Настанот заврши со симболично означување на почетокот на тргувањето, со што МЕМО ја потврди својата улога како современ оператор и активен чинител во процесот на европска енергетска интеграција. Новиот пазар, според пораките од настанот, не е само техничка новина, туку стратешки инструмент за долгорочна стабилност, конкурентност и одржлив развој на енергетскиот сектор.
Енергетика 24
