Франција претстави сеопфатен национален патоказ за постепено напуштање на нафтата, гасот и јагленот до 2050 година, со што стана една од ретките држави во светот што јавно објавиле јасен временски план за излез од фосилните горива.
Документот, презентиран на првата меѓународна конференција за транзиција од фосилни горива во Санта Марта, Колумбија, ги обединува постојните климатски и енергетски политики на земјата во единствена стратегија. Иако не содржи нови цели, аналитичарите оценуваат дека испраќа силен сигнал во време кога многу држави ја преиспитуваат својата енергетска зависност.
Според планот, Франција има намера уделот на фосилните горива во финалната потрошувачка на енергија да го намали од околу 60% во 2023 година на 40% до 2030 година, а на 30% до 2035 година. Крајната цел е постигнување јаглеродна неутралност до средината на векот.
Во рамки на транзицијата, Франција планира целосно да се откаже од јагленот до 2030 година, од нафтата до 2045 година, а од природниот гас до 2050 година. Последните две електрани на јаглен треба да бидат затворени или пренаменети веќе до следната година.
Клучен дел од стратегијата е транспортниот сектор. Владата предвидува две од три новопродадени возила до 2030 година да бидат електрични, како и проширување на мрежата на полначи, електрични автобуси и тешки товарни возила. Домашната индустрија треба да произведува 400.000 електрични автомобили до 2027 година и еден милион до 2030 година.
Во секторот домување, Франција до крајот на годинава ќе забрани вградување гасни котли во нови објекти. До 2030 година се планира инсталација на еден милион топлински пумпи годишно, како и значително намалување на котлите на мазут во станбени и деловни објекти.
Електроенергетскиот систем останува потпрен на нуклеарната енергија. Во 2025 година околу две третини од француската електрична енергија доаѓала од нуклеарни централи, додека сончевата, ветерната и хидроенергијата учествувале со околу една четвртина. Владата планира изградба на нова генерација реактори ЕПР2, продолжување на животниот век на постојните реактори, како и тројно зголемување на соларните капацитети до 2035 година.
Еколошките организации го поздравија потегот, но оценија дека мерките не се доволно амбициозни. Од „Гринпис Франција“ порачаа дека станува збор за важен прв чекор, но недоволен во услови на климатска криза.
Експертите сметаат дека францускиот пример може да изврши притисок и врз другите европски држави да изготват сопствени патокази за постепено напуштање на фосилните горива.
Извор: France24.com
