Германскиот министер за финансии: Забавувањето на обновливите извори ќе ѝ наштети на Германија

Германскиот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл предупреди дека забавувањето на развојот на обновливите извори на енергија би имало штетни последици за Германија.

На состанокот на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка одржан во Вашингтон минатата недела, Клингбајл изјави дека една од главните поуки од војната со Иран, која предизвика потреси на глобалните пазари на фосилни горива, е потребата од забрзување на енергетската транзиција.

„Оние што сакаат да го забават ширењето на обновливите извори, на крајот ѝ штетат на Германија“, изјави Клингбајл.

РЕКЛАМА

Тој потсети дека коалицискиот договор меѓу неговата Социјалдемократска партија (СПД) и конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на канцеларот Фридрих Мерц предвидува продолжување на изградбата на соларни, ветерни и други обновливи капацитети.

Изјавата на Клингбајл доаѓа во време на критики кон министерката за економија Катарина Рајхе од ЦДУ, која предлага укинување на дел од субвенциите за обновливи извори и промени во правилата за приклучување нови проекти на електромрежата.

Претставници на индустријата и граѓански организации предупредија дека ваквите мерки може да ја забават енергетската транзиција. Рајхе, пак, тврди дека целта е намалување на трошоците во енергетскиот систем преку усогласување на развојот на обновливите извори со темпото на проширување на мрежата и укинување на поддршката за технологии што веќе се доволно развиени.

Според германски медиуми, Министерството за финансии привремено блокирало неколку законски предлози на Министерството за економија, меѓу кои реформа на Законот за обновлива енергија и пакет мерки за електромрежата.

Клингбајл изјави дека станува збор за редовна процедура и дека тоа не значи подлабоки несогласувања во владата.

Извор: Cleanenergywire.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил