До 4 мај продолжува мерката за намалување на акцизите за нафтените деривати

Скопје. 18 април 2026 – Владата денеска донесе одлука за продолжување на мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 4 мај, со цел да се ублажат последиците од глобалните ценовни шокови врз домашната економија и стандардот на граѓаните.

Со мерката и натаму ќе важи намалената акциза за дизелот од 4 денари по литар, како и намалувањето од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани. Според владините проценки, се очекува и Регулаторната комисија за енергетика во наредниот период да донесе одлука за дополнително намалување на малопродажните цени на горивата во просек за околу 1,5 денар по литар.

Во сила останува и договорениот механизам со нафтените компании, со кој дополнително се намалуваат цените за 3 денари кај дизелот и 2 денари кај бензините. Од Владата посочуваат дека на тој начин ќе се постигне поголем ефект врз намалувањето на транспортните трошоци и ќе се ублажат инфлаторните притисоци.

РЕКЛАМА

Истовремено, донесени се и измени на одлуката за повластена стапка на ДДВ. Така, стапката од 10% и понатаму ќе важи за бензините, додека за останатите производи повторно ќе се применува редовната стапка од 18%.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека државата во моментов нема проблеми во снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Тој нагласи дека резервите се стабилни и дека системот функционира без прекини.

Според него, во земјава има доволни количини дизел, бензин и керозин, и во државните резерви и во цевководот што ја поврзува рафинеријата ОКТА со солунското пристаниште. Мицкоски додаде дека цените на горивата кај нас се меѓу најниските во регионот, поради што е зголемена потрошувачката од граѓани од соседните земји, особено во пограничните подрачја, каде во одредени денови расте и до 30%.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил