Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува најмалку дванаесет земји да побараат нови кредитни аранжмани за справување со растечките цени на енергијата и нарушувањата во синџирите на снабдување предизвикани од војната на Блискиот Исток, соопшти извршната директорка на институцијата Кристалина Георгиева.
Таа наведе дека меѓу државите кои бараат помош има и земји од субсахарска Африка, а вкупната побарувачка за финансиска поддршка би можела да достигне од 20 до 50 милијарди долари, преку нови заеми или проширување на постојните 39 програми на ММФ.
Иако не беа именувани конкретни држави, Георгиева посочи дека засега не се разгледува проширување на програмата за Египет, вредна 8 милијарди долари, и покрај економските последици од конфликтот.
Според ММФ, дополнителни нарушувања се очекуваат и во снабдувањето со нафта, гас, ѓубрива и други суровини, особено за азиските економии зависни од увоз од Заливот.
„Овие шокови нема брзо да исчезнат, дури и ако војната заврши утре“, предупреди Георгиева, наведувајќи дека транспортот на енергенси преку морски рути може да предизвика долготрајни доцнења во снабдувањето.
Главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуринша, оцени дека глобалната економија веќе се движи кон понеповолен сценарио, со раст кој би можел да забави на околу 2,5%, додека цената на нафтата би се движела околу 100 долари за барел.
Во најлошо сценарио, глобалниот раст би можел да падне до 2%, што би ја приближило светската економија до рецесија.
ММФ ги повика земјите да воведат мерки за намалување на потрошувачката на енергија, како поттикнување јавен превоз и намалување на зависноста од нафта, предупредувајќи дека широки енергетски субвенции би можеле само да ја продолжат кризата со високите цени.
Извор: Ројтерс
