Ројтерс: Европските авиокомпании бараат итни мерки од ЕУ поради недостиг на авионско гориво

Европските авиокомпании ја повикаа Европската унија да преземе итни мерки за ублажување на последиците од војната во Иран, која предизвикува затворање на воздушниот простор и сериозни ризици од недостиг на авионско гориво.

Според документ до кој дошла агенцијата „Ројтерс“, индустриската асоцијација „Airlines for Europe“ (A4E) побарала воведување кризен пакет мерки. Меѓу нив се мониторинг на залихите на гориво на ниво на ЕУ, привремено суспендирање на јаглеродниот пазар за авијацијата и укинување на одредени даноци во секторот.

Авиоиндустријата е сериозно погодена од затворањето на воздушниот простор по почетокот на американско-израелскиот конфликт со Иран на 28 февруари. Европската агенција за воздухопловна безбедност им забрани на европските превозници да летаат над повеќе земји од Заливот, вклучително и Обединетите Арапски Емирати и Катар, најмалку до 24 април.

РЕКЛАМА

Дополнителен притисок создава и можниот недостиг на авионско гориво, по затворањето на Ормускиот Теснец. Минатата недела, здружението „Airports council international Europe“ предупреди дека Европа би можела да се соочи со системски недостиг на гориво во рок од три недели.

Во документот се предлага и заедничка набавка на керозин на ниво на ЕУ, по моделот на заедничките набавки на природен гас воведени во 2022 година по намалувањето на испораките од Русија.

Авиокомпаниите, меѓу кои „Луфтханза“, „Ер Франс-КЛМ“ и „Изиџет“, бараат и измени во регулативата за задолжителни нафтени резерви, со цел да се вклучат конкретни обврски за авионско гориво.

Истовремено, тие бараат појаснување на законската рамка, вклучително и признавање на затворањата на воздушниот простор поради конфликт како оправдана причина за некористење на аеродромските слотови.

Европската комисија најави дека на 22 април ќе предложи пакет мерки за справување со последиците од војната врз енергетските пазари, но засега не е потврдено дали тие ќе опфатат конкретни чекори за авионското гориво.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил