Денеска беше одбележан значаен момент за македонскиот енергетски сектор со поставувањето на камен-темелник на 400 kV далекуводот од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница — проект што се смета за клучна алка во регионалната енергетска поврзаност. Станува збор за стратешка интерконекција која ја комплетира електроенергетската мрежа на земјава со сите соседни системи и ја зацврстува нејзината улога како стабилен партнер во регионалната енергетика.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, албанскиот министер за енергетика Енеа Каракачи, како и претставници на ЕБОР, ЕУ, локалната самоуправа и менаџментот на АД МЕПСО.

Во своето обраќање, премиерот Мицкоски нагласи дека со реализацијата на овој проект, Македонија за првпат ќе биде целосно поврзана со сите соседни електроенергетски системи, чекор што носи поголема сигурност за граѓаните, стабилност за економијата и нови развојни перспективи.
„Овој далекувод не е само инфраструктурен проект, туку симбол на поврзување, стабилност и иднина на нашата држава во европското енергетско семејство“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека изградбата на 100-километарскиот далекувод ја воспоставува последната недостасувачка енергетска врска со соседите и претставува дел од европската енергетска мрежа, со што се отвора простор за поголема интеграција на обновливи извори на енергија.
Премиерот потсети дека проектот започнал со кредит обезбеден во 2015 година, но неговата реализација долго време била закочена поради сложени преговори и обиди за ревидирање на цените.
„Ние не дозволивме проектот да остане уште една пропуштена можност, раскинавме неефикасен договор и рестартиравме проектот, со што ја заштитивме државата и инвестицијата“, истакна Мицкоски.

Министерката Божиновска, пак, потенцираше дека проектот претставува клучен чекор кон модернизација на енергетскиот систем:
„Денеска стоиме пред проект кој ја одбележува иднината на македонскиот енергетски систем. Со 400 kV интерконективниот далекувод ја засилуваме преносната мрежа, го зголемуваме капацитетот за пренос и ја зацврстуваме нашата позиција во регионалните енергетски текови. Овој проект е порака до инвеститорите, дека нашата преносна инфраструктура е подготвена за идната економија и зелена транзиција.“
Проектот не само што ќе ја зголеми сигурноста и стабилноста на електроснабдувањето, туку ќе овозможи и поголема интеграција на обновливите извори, ќе поттикне нови инвестиции и ќе го затвори последниот отворен крак во националниот преносен систем.
Според податоците, благодарение на стратешките одлуки на МЕПСО, веќе се обезбедени 51,2% од потребната опрема, која ќе биде искористена од новиот изведувач — потег што обезбедува континуитет и заштита на државниот интерес.

Генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Латифи, истакна дека проектот има и пошироко регионално значење:
„Оваа интерконекција не е само кабел, столб или далекувод. Оваа инфраструктура е мост на доверба, пример како две земји можат да градат нешто што е добро и за нив, но и за целиот регион. Соработката меѓу Македонија и Албанија во енергетиката е природна, неопходна и далекувидна. Нашите системи можат да се надополнуваат, нашите ресурси можат да создаваат синергија“, рече Латифи.
Тој се осврна и на предизвиците со кои се соочил проектот:
„Затекнавме целосно закочен проект. За четири години проектот не бил реализиран ниту 4%. Следствено, ги идентификувавме слабите точки, ги елиминиравме административните бариери и за кусо време го претворивме овој проект од проект на хартија во проект на терен. Оваа инвестиција што долго време беше блокирана, конечно се рестартира и влегува во својата најважна фаза – фаза на изградба.“
Албанскиот министер Каракачи оцени дека станува збор за инвестиција во заедничка безбедност, економски развој и европска интеграција, додека заменик-шефот на делегацијата на ЕУ, Нупнау Бен, нагласи дека прекуграничната енергетска поврзаност придонесува не само за сигурноста на двете земји, туку и за поширокиот европски енергетски систем.
Проектот предвидува изградба на далекувод долг 97,5 километри на македонска територија, со 269 челични решеткасти столбови, трансформаторска станица во близина на Охрид и далекуводно поле во ТС „Битола 2“. Рокот за реализација е 900 дена, односно 30 месеци.
Финансиран со поддршка од меѓународни партнери, вклучително и ЕБОР и Европската унија, проектот претставува дел од регионалниот енергетски Коридор 8. Со неговата реализација, Македонија ја потврдува својата стратешка ориентација кон модерна, стабилна и зелена енергетска иднина.
Енергетика 24
