Франција започнува масовна енергетска трансформација: 6.000 компании и над 600.000 работни места во планот на Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера го претстави еден од најголемите енергетски и индустриски проекти во поновата историја на Франција, најавувајќи дека повеќе од 6.000 компании ќе учествуваат во националниот план за забрзана електрификација на земјата.
Планот има амбициозна цел, до 2030 година Франција двојно да го зголеми уделот на домашно произведена електрична енергија во националниот енергетски систем, достигнувајќи 60%. Со тоа, Париз сака значително да ја намали зависноста од увозни фосилни горива и да ја зацврсти енергетската независност на државата.
„Ова е историски трансформациски проект што ќе создаде или зачува повеќе од 600.000 работни места. Тоа е добро за економијата, за конкурентноста и за независноста на Франција“, изјави Макрон по потпишувањето на националниот пакт за електрификација со водечките француски компании.
Француската влада веќе најави дека до крајот на деценијата ќе ја удвои државната поддршка за енергетската транзиција на 10 милијарди евра годишно. Инвестициите ќе бидат насочени кон развој на нуклеарната и обновливата енергија, електричниот транспорт, индустријата и системите за греење.
Меѓу најголемите инвеститори е автомобилскиот концерн Stellantis, кој ќе вложи повеќе од една милијарда евра во производство на нова генерација електрични автомобили во фабриката во Милуз од 2029 година. Компанијата неодамна претстави и стратегија вредна 60 милијарди евра за развој на десетици нови електрични модели.
Државната енергетска компанија EDF ќе инвестира дополнителни 240 милиони евра за модернизација на инфраструктурата, поставување јавни полначи за електрични возила и поддршка за домаќинствата при набавка на топлински пумпи.
Во рамки на националниот план, операторите на електричната мрежа ќе изградат околу 45.000 километри нови преносни и дистрибутивни линии до 2030 година.
Франција паралелно планира двојно да го зголеми бројот на станици за полнење електрични возила, да достигне производство од еден милион топлински пумпи годишно и значително да го прошири производството на електрични системи за греење.
Со овој проект, Франција се позиционира меѓу европските лидери во енергетската транзиција и зелената индустрија, во време кога Европската Унија сè повеќе инвестира во намалување на зависноста од фосилни горива и забрзување на климатските политики.
Извор: Elysee.fr
