Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави анализа на актуелната состојба на светските енергетски пазари, предупредувајќи дека прекините во транспортот на нафта низ Ормускиот теснец веќе влијаат врз производството и цените на енергенсите.
Според агенцијата, иако најголемиот дел од производствените капацитети за нафта во регионот не се директно погодени од нападите, нарушувањето на транспортот низ Ормускиот теснец принудило дел од операторите да започнат со намалување на производството. Значително е погодено и производството на рафинирани нафтени деривати и течен природен гас (ЛНГ).
На пазарите веќе се бележи раст на цените. До 3 март фјучерсите за суровата нафта Брент пораснале за 12% во однос на 27 февруари, додека европскиот репер за природен гас TTF се зголемил за повеќе од 70%. Особено се погодени пазарите на дизел и авионско гориво.
ИЕА потсетува дека светскиот пазар на нафта од почетокот на 2025 година бил во вишок на понуда, а и за 2026 година се очекувало понудата да ја надмине побарувачката. Сепак, подолготрајни прекини во снабдувањето би можеле да го претворат пазарот во дефицит.
Глобалните резерви на нафта во 2025 година достигнале повеќе од 8,2 милијарди барели, највисоко ниво од 2021 година. Земјите членки на ИЕА располагаат со над 1,2 милијарди барели државни итни резерви, како и дополнителни 600 милиони барели индустриски резерви, кои би можеле да се активираат во случај на потреба.
Неизвесност на пазарот на течен природен гас
Според ИЕА, пазарите на природен гас постепено се стабилизирале по големиот шок предизвикан од руската инвазија на Украина во 2022 година. Сепак, првите месеци од 2026 година се карактеризираат со затегнати услови на пазарот, а намалените резерви по зимската сезона во северната хемисфера дополнително ќе ја зголемат побарувачката за ЛНГ.
Ситуацијата може дополнително да се влоши по нападот на 2 март врз енергетските капацитети во Рас Лафан во Катар, по што производството беше запрено. Во 2025 година овој комплекс произведе 112 милијарди кубни метри ЛНГ, како и значајни количини течен нафтен гас и кондензат, што го прави најголемиот ЛНГ-комплекс во светот.
Клучната улога на Ормускиот теснец
Ормускиот теснец е стратешка поморска рута која ги поврзува Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Арапското Море и претставува главен извозен коридор за нафта и природен гас од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Ирак, Бахреин и Иран.
Во 2025 година низ теснецот дневно поминувале околу 20 милиони барели нафта и нафтени деривати, односно околу 25% од светската поморска трговија со нафта. Подолготрајно нарушување на пловидбата би можело сериозно да го наруши глобалното снабдување.
Алтернативите за заобиколување на теснецот се ограничени. Само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со нафтоводи кои можат делумно да го пренасочат извозот, со капацитет од околу 3,5 до 5,5 милиони барели дневно.
Дополнително, во 2025 година преку Ормускиот теснец биле транспортирани повеќе од 110 милијарди кубни метри течен природен гас, што претставува речиси една петтина од глобалната трговија со ЛНГ. Речиси 90% од овие количини биле наменети за азискиот пазар.
Според ИЕА, доколку прекините потраат, земјите со долгорочни договори за снабдување со ЛНГ од Катар и Обединетите Арапски Емирати ќе бидат принудени да се свртат кон спот-пазарот, што би можело дополнително да ги зголеми цените на природниот гас на глобално ниво.
Извор: IEA.org
