Будимпешта. 2 февруари 2026 – Унгарија денеска поднесе тужба до Судот на правдата на Европската унија со која бара поништување на регулативата REPowerEU, со која се забранува увозот на руска енергија. Ова, на социјалната мрежа „X“ го соопшти унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Според Сијарто, тужбата се темели на три клучни аргументи. Прво, забраната за увоз на енергенси може да се воведе исклучиво преку санкции, за кои е потребна едногласна одлука на земјите членки, додека конкретната регулатива била донесена како мерка на трговска политика. Второ, Договорите на ЕУ јасно предвидуваат дека секоја земја членка самостојно одлучува за својот енергетски микс и добавувачи. Трето, принципот на енергетска солидарност, според Будимпешта, бара да се обезбеди сигурно снабдување со енергија за сите членки, што, како што наведува Сијарто, не е случај со оваа одлука.
Тој истакна дека за Унгарија се достапни само поскапи и помалку сигурни алтернативи и предупреди дека без руска нафта и гас не може да се гарантира енергетската безбедност, ниту да се одржат ниски трошоци за унгарските домаќинства.
Енергетика 24
