Париз. 23 јануари 2026 – Глобалниот нафтен пазар во 2026 година ќе влезе со значителен вишок на понуда, и покрај забрзаниот раст на побарувачката и зголемените геополитички тензии, покажува најновиот Oil Market Report на Меѓународната енергетска агенција (ИЕА), објавен на 21 јануари 2026 година.
ИЕА прогнозира дека глобалната побарувачка за нафта во 2026 ќе порасне за просечни 930 илјади барели дневно, што е повеќе од 850 илјади барели дневно во 2025 година. Растот се должи на стабилизирање на економските услови по турбуленциите предизвикани од царинските мерки во 2025 и на пониските цени на нафтата во споредба со минатата година. Целокупниот раст повторно ќе дојде од земјите надвор од ОЕЦД, додека закрепнувањето на побарувачката за петрохемиски суровини ќе биде делумно неутрализирано од забавувањето на потрошувачката на бензин.
На страната на понудата, глобалното производство во декември се намали за 350 илјади барели дневно на 107,4 милиони барели дневно, што е 1,6 милиони барели под септемврискиот историски максимум. Намаленото производство во Казахстан и кај дел од блискоисточните членки на ОПЕК беше делумно компензирано со силно закрепнување на руското производство. И покрај декемврискиот пад, ИЕА очекува светското снабдување да порасне за 2,5 милиони барели дневно во 2026 година, по раст од 3 милиони барели дневно во 2025. Најголемиот дел од зголемувањето и натаму доаѓа од земјите надвор од ОПЕК+, кои ќе придонесат со 1,3 милиони барели дневно во 2026.
Рафинериската активност нагло порасна во декември, со зголемување од 2 милиони барели дневно на 85,7 милиони барели дневно, во пресрет на сезонските ремонти во САД, Европа, Блискиот Исток и Азија. За цела 2026 година се очекува просек од 84,6 милиони барели дневно, со годишен раст од 770 илјади барели дневно, што е побавно во споредба со 2025. Во исто време, рафинериските маржи значително ослабеа во текот на декември, особено во Европа, каде профитабилноста кај средните дестилати се преполови во однос на ноемвриските максимуми.
Глобалните нафтени залихи бележат силен раст. Само во ноември 2025 тие пораснаа за 75,3 милиони барели, или 2,5 милиони барели дневно, при што 96% од зголемувањето отпаѓа на суровата нафта, главно складирана на копно. Вкупните глобални резерви на крајот на годината беа за 433 милиони барели повисоки отколку на почетокот на 2025, со просечен дневен раст од 1,3 милиони барели. Прелиминарните податоци укажуваат на дополнителен раст и во декември, предводен од нафтените деривати.
Цените на нафтата беа нестабилни на почетокот на 2026 поради зголемените тензии околу Иран и Венецуела. Brent порасна за околу 6 долари за барел во првите недели од јануари, достигнувајќи околу 66 долари, но потоа се стабилизираше околу 64 долари. Во декември, северноморскиот Dated Brent во просек изнесуваше 62,64 долари за барел, што претставува шести последователен месечен пад и најниско ниво од почетокот на 2021 година.
Извозот од Иран и Венецуела дополнително ослабе. Иранските испораки се намалија за 350 илјади барели дневно во ноември и декември, при што значителни количини се акумулираат на танкери. Венецуелскиот извоз, погоден од американската блокада на санкционирани танкери, падна од 880 илјади барели дневно во декември на околу 300 илјади барели дневно на почетокот на јануари. Наспроти тоа, Русија во декември бележи силен раст на производството и преработката, со зголемување од 550 илјади барели дневно, и покрај континуираните напади врз енергетската инфраструктура. Сепак, пониските цени и поголемите попусти ги намалија руските месечни извозни приходи на околу 11 милијарди долари, што е приближно половина од нивото пред инвазијата врз Украина.
ИЕА оценува дека големиот глобален вишок, создаден во текот на 2025 година, обезбедува значителен „тампон“ за пазарот и засега ги држи цените под контрола. Глобалните залихи во 2025 пораснале за околу 470 милиони барели, што ја апсорбира зголемената понуда и ги ублажува ефектите од геополитичките ризици. Доколку не дојде до поголеми и долготрајни прекини во производството и доколку ОПЕК+ ја задржи сегашната политика, ИЕА очекува дека и во 2026 година пазарот ќе остане добро снабден, со понуда која значително ја надминува растечката побарувачка.
Извор: IEA.org
