Скопје. 22 јануари 2026 – Во просториите на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска беше потпишан договор со словенечката енергетска берза БСП, со кој официјално започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден (Intraday Market).
Со договорот, БСП е избрана за економски оператор за обезбедување трговски и клиринг платформи за пазарите на електрична енергија во сегментите ден-однапред и пазар во тековниот ден. Потпишувањето претставува продолжување и унапредување на постојната соработка меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ.
Пазарот ден-однапред во земјава функционира од 10 мај 2023 година, а во рамки на заедничката соработка е предвидено пазарот во тековниот ден целосно да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
Договорот, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Според Ѓорѓиевски, договорот претставува значаен чекор кон унапредување на функционалноста на организираниот пазар и подготовка за негово идно поврзување со единствениот европски пазар на електрична енергија.
„Ова е континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ и важен исчекор во зајакнување на техничката и институционалната подготвеност на македонската берза за пазарна интеграција со Европската Унија“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на договорот е одржан и почетен состанок, со што официјално започнале активностите за воспоставување на Intraday пазарот, кој ќе овозможи поголема флексибилност и ефикасност во тргувањето, особено при зголемено учество на обновливите извори на енергија.
Анже Предовник оцени дека договорот е стратешки важен чекор за интеграција на Северна Македонија во европскиот пазар на електрична енергија, истакнувајќи дека земјата покажува јасна и амбициозна насока кон целосно приклучување кон Единствениот европски пазар.

Министерката Сања Божиновска нагласи дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински дел од модернизацијата на македонскиот енергетски сектор.
„Со вакви конкретни проекти се зајакнува стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот. Intraday пазарот носи подобро управување со обновливите извори, намалување на системските ризици и директни придобивки за енергетската стабилност на државата“, изјави Божиновска.
Со реализацијата на договорот, МЕМО продолжува со активностите насочени кон развој на организираниот пазар на електрична енергија, зајакнување на регионалната соработка и целосна интеграција во европското енергетско пазарно подрачје.
Извор: МЕМО
