Дата-центрите, поттикнати од експанзијата на дигиталните услуги и развојот на вештачката интелигенција, стануваат еден од најбрзо растечките потрошувачи на електрична енергија во светот. Според проценките, нивната глобална потрошувачка до 2030 година би можела да надмине 945 терават-часови (TWh), што е на ниво на сегашната вкупна потрошувачка на Јапонија.
Француската агенција за еколошка транзиција (ADEME) предупредува дека само во Франција потрошувачката на електрична енергија во дата-центрите би можела да се зголеми за 3,7 пати до 2035 година, достигнувајќи 37 TWh. До 2060 година, во зависност од развојните сценарија, растот може да биде и до седумкратен.
Глобално, дата-центрите веќе потрошиле околу 415 TWh електрична енергија во 2024 година, а таа бројка би можела повеќе од двојно да се зголеми до крајот на деценијата. ADEME предупредува дека ваквиот тренд може негативно да влијае врз исполнувањето на целите од Парискиот климатски договор.
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) посочува дека во САД, каде што се наоѓа најголемиот број дата-центри, нивната потрошувачка наскоро би можела да ја надмине потрошувачката на сите енергетски интензивни индустрии заедно. Во развиените економии, дата-центрите се очекува да придонесат за најмалку 20% од растот на побарувачката за електрична енергија до 2030 година.
Иако технолошките иновации, како користењето на отпадната топлина од дата-центрите, нудат потенцијал за намалување на енергетскиот притисок, експертите предупредуваат дека без соодветни јавни политики и поефикасни дигитални услуги, тие нема да бидат доволни за постигнување јаглеродна неутралност до 2050 година.
„Со подемот на вештачката интелигенција, енергетскиот сектор е во срцето на една од најзначајните технолошки револуции на нашето време“, изјави извршниот директор на IEA, Фатих Бирол, најавувајќи дека агенцијата ќе продолжи да обезбедува анализи и податоци за поддршка на креаторите на политики во справувањето со новите енергетски предизвици.
Извор: Nas-stik.si
