2025 година ќе биде запаметена како година на историски рекорди во обновливата енергија, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) со наслов „Renewables Recap 2025: The Good, the Bad and the Ugly“. Сепак, и покрај значајниот напредок, темпото и инвестициите сè уште не се доволни за исполнување на глобалните климатски цели.
Во текот на 2024 година, глобалниот капацитет на обновливи извори на енергија е зголемен за рекордни 582 гигавати (GW), со што вкупниот инсталиран капацитет достигна 4.443 GW на светско ниво. Истовремено, инвестициите во енергетската транзиција достигнаа историски максимум од 2,4 трилиони американски долари, што претставува раст од 20% во споредба со просекот во 2022 и 2023 година. Околу една третина од тие средства, односно 807 милијарди долари, беа насочени кон технологии за обновлива енергија.
И покрај овие охрабрувачки бројки, ИРЕНА предупредува дека сегашниот раст не е доволен за да се оствари договорената цел, тројно зголемување на обновливите извори на 11,2 теравати (TW) до 2030 година. За тоа ќе биде потребно секоја година, од 2026 па натаму, да се додаваат по 1.122 GW нов капацитет, со годишен раст од 16,6%.
Добрата вест е дека економската исплатливост на обновливите извори никогаш не била поголема. Дури 91% од новите проекти за обновлива енергија реализирани во 2024 година биле поевтини од која било нова алтернатива базирана на фосилни горива.
IRENA истакнува дека водечка улога во затворањето на јазот треба да имаат најголемите економии. Се очекува земјите од Г20 до 2030 година да учествуваат со повеќе од 80% од глобалниот капацитет на обновливи извори, додека земјите од Г7 би можеле да достигнат околу 20% од светскиот капацитет во текот на оваа деценија. Подобриот пристап до финансии и меѓународната соработка се клучни за праведна и инклузивна енергетска транзиција.
Дигитализацијата и вештачката интелигенција се посочени како потенцијален „Game changer“ во енергетскиот сектор. Тие можат да помогнат во управување со променливото производство од обновливи извори – од предвидување на побарувачката и цените, до паметни електромрежи и одржување на инфраструктурата. Сепак, растечката побарувачка за енергија, особено од дата-центрите што ја поддржуваат AI, создава нови предизвици за електроенергетските системи.
Извештајот носи и позитивни податоци за пристапот до електрична енергија. Денес, речиси 92% од светската популација има основен пристап до струја, што претставува подобрување во однос на 2022 година. Сепак, над 666 милиони луѓе сè уште немаат никаков пристап до електрична енергија, а околу 1,5 милијарди луѓе, главно во рурални средини, немаат пристап до чисто готвење.
Регионалните нееднаквости остануваат голем предизвик. Дури 85% од луѓето без електрична енергија живеат во Супсахарска Африка, а четири од пет семејства немаат пристап до чисти технологии за готвење. Според ИРЕНА, затворањето на инвестициониот јаз меѓу регионите е од суштинско значење за да се овозможи пристап до капитал, технологија и придобивките од глобалната револуција на обновливата енергија.
Извор: IRENA.org
