Европската ветерна индустрија продолжува да биде значаен двигател на економскиот раст, енергетската безбедност и вработувањето, покажува најновиот Извештај за работната сила во ветерната енергија на Европа, објавен страна на асоцијацијта WindEurope. Според анализата, бројот на вработени во секторот ќе порасне од сегашните 443.000 на повеќе од 600.000 до 2030 година.
Во моментов, индустријата поддржува 443.000 работни места, од кои 211.000 се директни, во развојот на ветерни паркови, производството, инсталацијата, работењето и демонтажата. Копнената ветерна енергија останува најголем работодавач, но офшор-секторот бележи брз раст и веќе учествува со 20% од директните работни места.
До крајот на деценијата се очекува вкупно 607.000 работни места, под услов Европа да инсталира просечно 30 GW ветерни капацитети годишно во периодот 2025–2030, во согласност со прогнозите на WindEurope. Речиси половина од директните работни места се во производството, а низ Европа работат повеќе од 250 фабрики за турбини и опрема за приклучување на мрежата. Во последните две години, индустријата инвестирала над 14 милијарди евра во нови и проширени производствени капацитети.
Сепак, темпото на изградба на ветерни капацитети останува под потребното ниво. Според проценките, ЕУ ќе достигне 344 GW инсталирана ветерна моќност до 2030 година, значително под целта од 425 GW. Како главни пречки се наведуваат сложените процедури за дозволи, недоволно развиената електроенергетска мрежа, бавната електрификација и слабите национални аукциски модели.
Извештајот предупредува и на сериозен недостиг од кадар. Идентификувани се 235 профили на работни места, со најитна потреба од околу 7.000 техничари за лопати, 6.500 теренски инженери и 5.000 техничари за претсклопување до 2030 година. Осум од десет критични позиции со најголем недостиг се потпираат на стручно и професионално образование и обука (VET).
WindEurope повикува на постратешки пристап кон планирањето на работната сила, проширување на програмите за обука, преквалификација на работници од други сектори, усогласување на сертификатите и поголема мобилност на вештините во рамки на ЕУ. Организацијата најави и лансирање на алатка за развој на работната сила, која ќе овозможи анализа на потребите по земја, фаза од животниот циклус и конкретни работни профили.
Со соодветни инвестиции во вештини и соработка, ветерната индустрија, се наведува во извештајот, ќе продолжи да обезбедува работни места, иновации и климатски решенија за Европа.
Извор: Windeurope.org
