Будимпешта. 16 декември 2025 – Унгарската државна енергетска компанија МВМ Груп потпиша петгодишен договор со американската компанија Chevron за набавка на 2 милијарди кубни метри течен природен гас (ЛНГ), соопшти унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Договорот предвидува испорака од околу 400 милиони кубни метри ЛНГ годишно и, според Сијарто, претставува „важна пресвртница“ во енергетската соработка меѓу САД и Унгарија. Тој истакна дека Будимпешта настојува да обезбеди енергија од што повеќе извори и по различни транспортни рути, со цел да се постигнат пониски цени.
Иако Унгарија се спротивставува на планот на Европската унија за целосно укинување на увозот на руски гас до крајот на 2027 година, земјата паралелно работи на диверзификација на снабдувањето. Оваа позиција предизвика тензии со дел од членките на ЕУ и НАТО.
Во ноември, унгарската влада соопшти дека добила привремено изземање од американските санкции за користење руска нафта и гас, по посетата на премиерот Виктор Орбан на Вашингтон. Белата куќа подоцна наведе дека изземањето важи една година и дека Унгарија се обврзала на купување американски LNG во вредност од околу 600 милиони долари.
Главниот извршен директор на МВМ неодамна изјави дека Унгарија би можела да обезбеди доволни количини гас и без руски увоз, но предупреди дека тоа би довело до повисоки цени.
Извор: Ројтерс
