Љубљана. 22 ноември 2025 – На последната седница оджржана пред два дена, владата во Љубљана, донесе одлука за зголемување на основната главнина на националниот оператор на електроенергетскиот преносен систем на Словенија – ЕЛЕС за 4,42 милиони евра. Средствата ќе бидат насочени кон реконструкција на 110 kV постројката во ХЕ Формин и санација на трафостаницата 110/20 kV Ајдовшчина.
Од владата соопштија дека со докапитализацијата, вкупниот капитал на ЕЛЕС достигнува речиси 110 милиони евра. Дополнителните инвестиции се дел од планот за модернизација на преносната електроенергетска мрежа на напонско ниво од 110 kV и погоре. „Финансирањето се однесува на два значајни проекти кои ќе обезбедат поголема стабилност на мрежата и сигурно снабдување со електрична енергија,“ наведуваат од владата.
Проектите се усогласени со важечкиот План за развој на преносниот систем и со Националниот енергетски и климатски план за проширување на обновливите извори на енергија. Според образложението, мерката не претставува државна помош, бидејќи преносната мрежа функционира како природен монопол во рамки на јавна услуга.
Покрај докапитализацијата, владата усвои и измени на Актот за основање на ЕЛЕС и го потврди пречистениот текст на документот, кој ги одразува новата висина на основната главнина и проширените надлежности на компанијата како оператор на комбинирана преносна и дистрибутивна мрежа.
Извор: Nas-stik.si
