МЕМО и IFC ја потврдија соработката за развој на организираниот пазар на електрична енергија

Скопје. 8 ноември 2025 – Kонструктивна средба се одржа вчера, на 7 ноември, во просториите на МЕМО, меѓу раководството на македонската енергетска компанија и тимот на Меѓународната финансиска корпорација (IFC), дел од Групацијата на Светска банка, кој е во работна посета на земјата.

На средбата, управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, ги презентираше тековните активности на компанијата за развој на организираниот пазар на електрична енергија, како и плановите за воведување на интрадневен пазар (Intraday Market) и за пазарно поврзување (Market Coupling), со посебен фокус на поврзување со Грција.

„Нашата цел е да градиме транспарентен и конкурентен пазар кој обезбедува сигурност и предвидливост. Продолжуваме активно со подготовките за почетокот на интрадневниот пазар до крајот на вториот квартал во 2026 година, како и со процесите за пазарно поврзување со соседните земји“, истакна Ѓорѓиевски.

РЕКЛАМА

Тимот на IFC ја искажа својата поддршка за напорите на МЕМО, особено во делот на регионалната координација и енергетската трансформација.

Инаку, како дел од својата регионална мисија, IFC активно инвестира во проекти кои придонесуваат за одржлив економски раст и зелена транзиција во земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија. Преку иницијативата Western Balkans Green Growth Alliance, IFC им помага на компании да ги намалат јаглеродните емисии, да обезбедат пристап до зелено финансирање и да развијат циркуларни бизнис модели. Во нашата земја, IFC поддржа развој на индустриски и енергетски проекти кои отвораат нови работни места и ја зајакнуваат интеграцијата на македонската економија во глобалните вредносни ланци.

Средбата ја потврди посветеноста на МЕМО и IFC на создавање стабилен, конкурентен и одржлив енергетски пазар, кој ќе ги поддржи како домашните потрошувачи, така и инвеститорите во регионот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба