Софија. 8 ноември 2025 – Бугарскиот парламент вчера го усвои законот што ѝ овозможува на државата да назначи посебен управител со целосни овластувања врз активите на рафинеријата „Лукоил Нефтохим Бургас“. Одлуката беше донесена во рок од еден ден, по итна постапка, само неколку часа откако Министерството за финансии на САД ја одби продажбата на бугарските средства на „Лукоил“ на швајцарската компанија Gunvor, оценувајќи ја како „поврзана со Кремљ“.
Законот, предложен непосредно пред утринското заседание на Комисијата за енергетика, беше изгласан на прво и второ читање во истиот ден, што е редок случај во бугарската законодавна пракса. Со 130 гласа „за“ и поддршка од пратениците на ГЕРБ, ДПС, ИТН, БСП и неколку независни пратеници, текстот помина без амандмани, и покрај острите реакции од опозицијата.
Со новите измени се овозможува Владата да назначи посебен управител кој ќе ги преземе сите управувачки права врз „Лукоил Нефтохим“. Управителот ќе има право да управува со производството, складиштата и пазарната дистрибуција на горива, да располага со имотот на компанијата, вклучително и да врши продажби, како и да носи одлуки што сопственикот нема право да ги оспорува пред суд.
Поддржувачите на законот тврдат дека целта е заштита на националната безбедност и спречување на финансирање на руската воена машина. Пратеникот Станислав Анастасов од ДПС – Ново начало изјави дека државата има само 14 дена да реагира пред да настапат американските санкции и предупреди дека секое одложување би значело ризик за функционирањето на рафинеријата. Тој апелираше до претседателот да не става вето и нагласи дека мерката не претставува национализација, туку одбрана на економските интереси на земјата.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, го нарече законот „бугарска верзија на германскиот модел“ и рече дека тој е координиран со американската канцеларија за контрола на странски средства (OФАК). Според него, текстот гарантира дека ниту еден приход од „Лукоил“ нема да заврши во рускиот буџет.
Опозицијата, пак, го оцени законот како прикриена национализација. Васил Стефанов од Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија предупреди дека измените се „скандалозни од правен аспект“ и дека државата може да се соочи со тужби за отштета. Красимир Манов од партијата МЕЧ изјави дека „ова нема никаква врска со германскиот модел“ и го нарече законот директен напад врз приватната сопственост, додека Искра Михајлова од Преродба нагласи дека со законот се отвора пат за приватизација преку однапред договорени фирми.
Претседателката на енергетската комисија Павела Митова од Има таков народ истакна дека законот е навремен и неопходен за да се избегне криза со снабдувањето со горива, а Јордан Цонев од ДПС порача дека мерките се резултат на глобалните санкции против Русија и оти нивната цел е да се обезбеди стабилно производство во земјата.
Законот стапува во сила пред 21 ноември, а владата најави дека посебниот управител ќе биде меѓународна компанија со докажана репутација, која ќе го гарантира непреченото работење на рафинеријата. Опозицијата најави поднесување тужба до Уставниот суд, оценувајќи дека со ваквите измени државата воспоставува опасен преседан за мешање во приватната сопственост.
Со ова, Бугарија станува првата земја во Европската Унија што воведува модел на државно управување со нафтена рафинерија под руска сопственост.
Извор: Actualno.com
