Софија. 1 ноември 2025 – Бугарското Народно собрание вчера усвои предлог-одлука за привремено запирање на извозот на дизел и авио-гориво, како превентивна мерка по воведените американски санкции против руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“.
Одлуката прво беше разгледана на вонредна седница на парламентарната Комисија за буџет, а потоа беше изгласана и од Собранието. Предлогот беше поднесен од парламентарните групи на ГЕРБ-СДС, ИТН, БСП и ДПС–Ново начало, а беше поддржан и од „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) и Алијансата за силна Бугарија (АПС). Пратениците од „Преродба“ и МЕЧ се воздржаа, додека партијата „Величие“ гласаше против.
„Имаме доволни резерви на гориво за повеќе месеци, но сакаме да спречиме шпекулации со цените и злоупотреба на залихите“, изјави претседателот на Комисијата за буџет и финансии Дељан Добрев од ГЕРБ-СДС. Тој додаде дека целта е да се избегнат ценовни турбуленции слични на оние во соседните земји.
Министерот за енергетика Жечо Станков, увери дека Бугарија има обезбедени количества гориво до крајот на годината.
Претседателот на ПП Асен Василев предупреди дека земјата има само еден снабдувач со авио-гориво и „речиси еден“ за дизел. Според него, мерката е оправдана само под одредени услови, кои засега не се јасни, бидејќи иницијативата е предложена во итна постапка.
Од ПП-ДБ и МЕЧ побараа итно сослушување на министрите за енергетика, економија и финансии, како и на директорот на ДАНС, за да се разгледа реалната состојба на пазарот.
Опозициските партии остро ја критикуваа постапката. Пратеникот Цончо Ганев од „Преродба“ оцени дека ситуацијата е „без преседан и предизвикана од неодговорност“. Лидерот на МЕЧ, Радостин Василев, пак, изјави дека „носењето на забрана во последен момент покажува дека државата нема доволни резерви на гориво“.
Од ДПС објаснија дека итноста на мерката е резултат на анализи кои покажале зголемен извоз на горива кон земји каде веќе се забележува недостиг и раст на цените, како Србија. „Должни сме да реагираме превентивно за да не се соочиме со истиот проблем“, изјави пратеникот Јордан Цонев.
Со оваа одлука, Бугарија се обидува да ги стабилизира домашниот пазар и цените на горивата во услови на зголемени геополитички тензии и санкции врз руските енергетски компании.
Извор: Nova.bg
