Љубљана. 27 октомври 2025 – Во интервју за словенечкиот портал nas-stik.si, објавено на 24 октомври 2025 година, генералниот секретар на EU DSO Entity, европската организација што ги обединува операторите на дистрибутивни системи за електрична енергија, Петер Вермаат, истакна дека енергетската транзиција не е само технолошки процес, туку и длабока културна промена која бара нов начин на размислување и управување во целиот енергетски систем. Разговорот со Вермаат беше направен на маргините на конференцијата Smart Grid PCI Summit, одржана во Љубљана во септември.
„Енергетската транзиција е и културна транзиција. Дистрибутивните оператори мора да се трансформираат од одржувачи на мрежата во активни управувачи кои активно ќе соработуваат со сите актери во системот,“ нагласи Вермаат, додавајќи дека промената на културата и начинот на работа е подеднакво важна како и технолошката модернизација.
Организацијата EU DSO Entity, која тој ја предводи, е основана во 2021 година со мандат од Европската комисија и денес обединува повеќе од 800 оператори на дистрибутивни системи кои опслужуваат околу 255 милиони приклучоци ширум Европа. Според Вермаат, во изминатата деценија фокусот во енергетиката постепено се префрла од преносните кон дистрибутивните мрежи, бидејќи тие стануваат централни за интеграцијата на обновливите извори и за успешната електрификација на економијата.
Тој предупреди дека европските мрежи се соочуваат со сериозни предизвици, меѓу кои се потребата за зголемување на капацитетот, дигитализацијата, складирањето енергија и поголемата флексибилност на потрошувачите. Како пример ја спомена Холандија, каде што, според него, едно од три домаќинства веќе има сопствена соларна електрана – успех што, иако позитивен, носи и нови оптоварувања за системот. „Дистрибутивните оператори се мајстори на ефикасноста, но веќе работат на границите на капацитетот. Не може сè да се реши само со дигитални решенија, потребни се и навремени инвестиции,“ истакна Вермаат.
Тој објасни дека Европа мора да инвестира промислено и однапред, со т.н. антиципативни вложувања што се прават врз основа на реални очекувања за идниот развој. „Ризикот од претерани инвестиции е многу помал од ризикот да задоцниме со подготвеноста на мрежата. Подобро е да инвестираме однапред и рационално, отколку подоцна и по цена на забавена транзиција,“ нагласи тој.
Во однос на можниот раст на сметките за електрична енергија, Вермаат оцени дека најважно е трошоците да се распределуваат праведно и транспарентно, при што граѓаните треба да имаат можност да влијаат врз нив преку сопственото однесување. „Во иднина, фокусот ќе биде повеќе на приклучната моќ отколку на потрошената енергија, бидејќи токму приклучната моќ станува најограничениот ресурс во системот,“ изјави тој.
Осврнувајќи се на недостигот од стручни кадри во енергетскиот сектор, Вермаат посочи дека комбинирањето на учење и практична работа е клучот за привлекување нови генерации. „Многу млади луѓе се мотивирани од целта на енергетската транзиција – тоа е мисија со вистинско значење и чувство на придонес кон одржлива иднина,“ заклучи генералниот секретар на EU DSO Entity.
Извор: Nas-stik.si
