Рим. 18 септември 2025 – Државната нафтена компанија на Азербејџан, Socar, постигна прелиминарен договор за преземање на италијанската рафинерија API, соопшти претседателот на компанијата, Уго Бракети Перети, во писмо до вработените од 16 септември годинава. Договорот бил потпишан еден ден претходно.
„Ова е развојна можност за API, бидејќи влезот на стабилен глобален мултинационален играч ќе ѝ овозможи на компанијата да ја зајакне својата позиција на светско ниво и да ја консолидира улогата на стратешки хаб во Медитеранот“, наведе Перети, без да открие финансиски детали.
Според извори за агенцијата Argus, договорот ги опфаќа двете рафинерии на API — Трекате (126.500 барели дневно) кај Милано и Фалконара (83.000 барели дневно) во Анкона — како и нејзината широка дистрибутивна мрежа со над 4.600 бензински пумпи низ Италија. Фалконара и рафинеријата во Равена се специјализирани за битумен и нафтени деривати, додека Трекате главно произведува горива.
Сделката мора да добие одобрение од италијанската влада, која има право на „златна моќ“ при продажба на клучни енергетски компании и рафинерии. Во последните години, уште две големи италијански рафинерии беа продадени: Saras со капацитет од 300.000 барели дневно на фирмата Vitol во 2024 година, и Isab (320.000 барели) од руската Лукоил на приватниот фонд GOI Energy во 2023 година.
Италија е еден од најважните европски партнери на Азербејџан и е снабдувана со природен гас преку Транс-Јадранскиот гасовод.
Извор: Argusmedia.com