ЕУ започна ревизија на рамката за енергетска безбедност

Брисел. 16 септември 2025 – Европската комисија започна постапка за зајакнување на енергетската безбедност на Унијата, со отворање четиринеделна јавна консултација за ревизија на постојната рамка. Повикот за доставување мислења и предлози ќе трае до 13 октомври 2025 година, а целта е собирање идеи од граѓани и засегнати страни за надградба на политиките во услови на нови предизвици.

Комисијата планира да ја претстави ревидираната рамка за енергетска безбедност во првиот квартал од 2026 година. Освен општата консултација, ќе се одржат и целни разговори со експерти и засегнати сектори за подетални и технички анализи.

„Европскиот енергетски систем е изложен на нови ризици, од сајбер-напади и климатски промени, до нестабилна геополитичка средина. За да обезбедиме стабилно и сигурно снабдување, потребна ни е посилна и современа европска рамка,“ изјави еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргенсен.

РЕКЛАМА

Енергетската безбедност е еден од врвните приоритети на Унијата, особено по руската инвазија врз Украина во 2022 година, кога ЕУ мораше брзо да ја намали зависноста од рускиот гас и нафта. Од тогаш, блокот ја засили диверзификацијата на снабдувањето, отвори нови партнерства со Норвешка, Катар, САД и Алжир и инвестира во терминали за течен природен гас.

Надградбата на рамката има за цел да ја зголеми отпорноста на енергетскиот систем, да ја заштити критичната инфраструктура од физички и сајбер закани и да го прилагоди снабдувањето на екстремни климатски услови. Дел од приоритетите се и зголемување на производството од обновливи извори, развој на водород и складирање на енергија, како и координирани европски механизми за одговор на евентуални кризи.

Со оваа ревизија, Комисијата испраќа порака дека енергетската безбедност повеќе не се мери само преку достапноста на традиционалните извори, туку и преку способноста на системот да биде стабилен и отпорен во услови на климатски промени и геополитички турбуленции.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба