ИНТЕРВЈУ. Лазо Узунчев – генерален директор и претседател на Управниот одбор на најголемата домашна компанија за производство на електрична енергија

Лазо Узунчев:  Ги преземаме сите мерки за стабилизација на АД ЕСМ, правиме решителни чекори кон целосна енергетска транзиција

Енергетската транзиција како стратешки приоритет на државата се соочува со предизвици во спроведувањето на политики, обезбедување финансиски средства, технички ограничувања и изградба на нови капацитети. Термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, сè уште немаат соодветна замена бидејќи ЕСМ,  во изминатите седум години не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на струјата на ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција, се наведува во Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “.

Според ДЗР,  со извршената ревизија утврдено е дека се спроведуваат реформи за декарбонизација, реформи на пазарот на електрична енергија кои се стратешки планирани, со заедничка декларација формирана е инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, воспоставена е институционална рамка, активности кои не се доволни доколку не се обезбедат услови за имплементација од страна на енергетските компании.

РЕКЛАМА

Имено според податоците во извештајот на Државниот завод за ревизија,   ЕСМ подолг период нема изградено големи енергетски капацитети и се соочува со неповолна финансиска состојба. Изградена е ФЕЦ Осломеј 3 од 100MW преку ЈПП, ФЕЦ Осломеј 1 од 10MW која до денот на ревизијата не беше оперативна.  Наодите во извештајот на ДЗР беа повод  да поразговараме со генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев,  точно една година откако е именуван за прв човек на државната компанија од најголемо стратешко значење за  земјава.  

1. Господине Узунчев, ви благодараме што  ја прифативте поканата за интервју на тема која практично ја засега целата јавност, дотолку повеќе што го опфаќа работењето на најголемиот производител на електрична енергија .  Изминува една година откако седнавте на жешката фотелја во најголемата државна компанија. Иако сте дипломиран машински инженер- магистер по технички науки од областа на машинството и доаѓате како докажан менаџер од приватниот сектор,  ова е ваш прв ангажман  во енергетиката, но и прв ангажман во јавниот сектор, воопшто. Познавачите на состојбите во енергетскиот сектор лани коментираа дека секој што ќе преземе одговорност да ја води АД ЕСМ по парламентарните изборите во 2024 година ќе биде исправен пред сериозни предизвици. Дали од оваа перспектива, една година подоцна, се согласувате со таквите коментари?

Ви благодарам за интересот.  Се согласувам со сè што погоре напоменавте. Кога ја добив довербата од Владата и од премиерот Христијан Мицкоски да бидам генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ  знаев дека нема да имам ни малку лесна задача. Точни беа коментарите дека јас, но и мојот тим ќе имаме тешка задача да го вратиме  епитетот  – ЕСМ  темел на домашната енергетика.  Но, реално, однадвор човек има еден впечаток, но кога одблиску  ги согледавме фактите и затекнатата состојба на сите расположиви ресурси,  стана кристално јасно дека имаме трнлив пат пред себе.  Поминавме низ една тешка година кога компанијата се соочи со огромни предизвици. АД ЕСМ најголемата државна компанија којашто во моментов има преку 5 и пол илјади вработени заедно со своите ќерки фирми, на крајот  на август минатата година, ја презедовме буквално во катастрофална состојба. Девастирана инфраструктура, неспроведени ремонти во РЕК „Осломеј“, незавршен или незапочнат ремонт на Блок 1 во Битола, делумно спроведени ремонти во ТЕ Битола 2 и ТЕ Битола 3, , комплетно потфрлање во производството на јаглен и електрична енергија и девастиран хидропотенцијал.

2. Дали истиот впечаток го делите и во однос на финансиската кондиција на компанијата?

За жал, да. Финансиската слика прикажуваше комплетно нарушени парични текови.  На 1 септември лани, компанијата имаше обврска кон своите добавувачи во износ од 5,1 милијарди денари од коишто 4 милијарди денари беа веќе доспеани. Само 600 милиони денари од тие 4 милијарди беа доспеани повеќе од една година. Повеќе од една година ниту еден денар не им бил платен на преку 50 економски оператори на компанијата. Потоа, затекнавме огромна превработеност.  Би сакал да потенцирам дека на 31 декември 2023 година, би рекол,  во предвечерието на ланските парламентарни избори се вработени 690 лица, скоро сите со несоодветно образование и на несоодветни позиции. Ревизијата покажа дека и за жал, голем дел од нив не ни оделе на работа, заклучно со јули 2024 година.

Оттука, можам да констатирам дека првиот впечаток беше очај, слика на систематски уништувана компанија, заради неспособност или заради лукративност. Тука пред сè мислам на криминал и на систематско уништување на рудниците. Само за споредба, ако во 2017 година АД ЕСМ произвел 5 милиони тони јаглен, во континуитет производството од 2021 година паѓа, за во 2024 година на 1 септември компанијата да ја затекнеме само со 2 милиони тони произведен јаглен. Затекнавме хаотична состојба во рудниците, непочитување на рударските проекти, на депонијата во РЕК „Битола“ на 1 септември, имаше речиси празна депонија за јаглен, со низок или никаков квалитет, а во РЕК „Осломеј“ 30 000 тони таканаречен, битуминизиран јаглен, целосно несоодветен и штетен за тој термоблок. И сето тоа на нецел месец пред почетокот на грејната сезона 24/25 г.

 -Тогаш, како успеавте да се се справите со предизвиците што ги носи  минатата грејна сезона?

Немавме друг избор освен за краток период да се мобилизираме и  консолидираме.  Се направи целосна реорганизација на капацитетите во рудниците, според насоките на стручните лица од компанијата и од Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за да се обезбеди фронт за ископ на квалитетен јаглен.  Нашите итни мерки дадоа многу брзо резултати на терен, но попатно имаше предизвици особено со неисправна и уништена рударска механизација која замислете, била оставена на немилост од аспект на редовното одржување и ремонти на машините. 

ФОТО / АД ЕСМ

Исто така, поради несоодветното производство во периодот од 2021 година до 2024 година, минатите раководства потрошиле преку 30 милијарди денари за набавка на електрична енергија, за да можат да го покријат конзумот. Тоа се преку 500 милиони евра во вредност на непроизведена електрична енергија, а за таа сума и помалку раст на БДП во тие години. И споменатите состојби се само мал сегмент на сфери во кои што компанијата ја затекнавме. Секојдневно доаѓаме до индиции за нови криминали. За жал, цела една служба во АД ЕСМ работи за продуцирање на кривични пријави. На крајот ќе заклучам дека во изминатите седум години сите минати раководства на компанијата, членови на Управни одбори и Надзорни одбори, систематски ја уништувале компанијата за остварување на своја лична корист или заради незнаење или неспособност . Ние како ново раководство, по преземањето на компанијата презедовме структурални промени и направивме нов пристап во решавањето на проблемите и предизвиците. Но да биде јасно,  во енергетиката не постојат брзи решенија со кои ќе се стабилизираат процесите преку ноќ или за некој разумен период од неколку месеци,  особено не кога ќе затекнете состојба на катастрофа во сите сегменти.  Потребен е подолг период кој максимално го користиме за да ги сопреме негативните процеси и трендови и да го стабилизираме ЕСМ од финансиски, кадровски  и техничко технолошки аспект. 

3. Г.Узунчев, во извештајот на ревизорите, кој се однесува на периодот 2017-2024 година, повикувајќи се на компаниските финансиските извештаи за 2021, 2022, 2023 и 2024  се наведува дека „Друштвото не е во соодветна финансиска состојба и се доведува во прашање реализацијата на мерки и активности за праведна енергетска транзиција“. Дали е точно дека лошата финансиска кондиција на ЕСМ се должи на тоа што изминативе години  ја продава електричната енергија на Универзалниот снабдувач по пониска цена од произведената?

Тоа е здраворазумен заклучок. Еве да ги земеме и 2022 и 2023 година кои патем се наведени во извештајот на ревизорите.  Наспроти целата пазарна логика,  ваш производ, продавате по речиси двојно пониска цена. Со таков негативен тренд на растење на производната цена во однос на продажната вие како фирма не може да очекувате раст и развој, а за средства за капитални инвестиции не станува ни збор, особено кога е загрозена дневната ликвидност и се доведува во прашање нормалното функционирање на компанијата.  Да не го заборавиме и фактот што ЕСМ на годишно ниво мора да инвестира милиони евра во техничко технолошко  одржување на постојните производни капацитети и сопствената енергетска инфраструктура. Но, она што е индикативно, а јасно е наведено во извештајот е како компанијата се довела во ситуација двојно да  порасне цената на произведениот мегаватчас, а да ја продава на Универзалниот снабдувач по речиси двапати пониска цена?  За нецели три  години цената  од 57 евра за мегаватчас во 2020 година, пораснала на 117 евра за мегаватчас, односно цената која ја затекна актуелниот раководен тим на компанијата.  И тука зборувам за цената на ЕСМ, додека бројките во однос на нашиот најголем производител РЕК Битола се уште пофрапантни.  Ревизорските наоди констатираат дека за време на енергетската криза, во периодот од 2021 до 2023 година, тогашната Влада вбризгала во ЕСМ 355 милиони евра, но таа државна поддршка не е поврзана со резултати и индикатори на успешност. Благодарение на тие средства, во ЕСМ си ги прокнижувале како приход и прикажувале позитивни финансиски резултати.

Наша стратегија и примарна цел покрај зголемување на сопственото производство  е да ги намалиме трошоците кои ја формираат цената на електричната енергија. Константно вложуваме напори да ги намалиме трошоците за производство на електрична енергија со цел да обезбедиме што поголем профит за компанијата. АД ЕСМ му понуди на ЕВН ХОМЕ, 62 евра за мегават-час  електрична енергија за втората половина од годинава. Пресметките околу утврдување на цената што ја понудивме, 62 евра за мегават-час, се резултат на зголемениот ангажман на вработените, кои со натчовечки напори и деноноќно ангажирање обезбедуваат електрична енергија, но и на препораките на Владата како доминантен сопственик. Но, ние како АД ЕСМ имаме обврска да ја покриеме таа разлика од цената за продаден мегават-час кон Универзалниот снабдувач и просечната цена. Тоа можеме да го постигнеме само со зголемување на производството со цел да обезбедиме дополнителни вишоци коишто би ги продавале на отворен пазар и на тој начин ќе носиме дополнителни приходи. За да го направиме тоа, мораме да инвестираме во нови производствени капацитети. Просто е неверојатно дека во изминатите седум години, односно во периодот од 2017 година до 2024 година не е инвестиран ниту  денар во нов производствен капацитет.

ФОТО / АД ЕСМ

4. Последниот ревизорски извештај предизвика јавна дебата околу подготвеноста на енергетскиот сектор за зелената транзиција. Како одговарате на овие наоди?

 Ревизорскиот извештај со право ги истакнува системските празнини кои ја кочеа енергетската транзиција на Македонија во изминатата деценија.  Иако целта за декарбонизација до 2030 беше усвоена пред повеќе години, претходната влада не презеде суштински чекори за подготовка на енергетскиот сектор. Тој недостаток на дејствување сериозно ја поткопа способноста на земјата да обезбеди енергетска сигурност, стабилност на пазарот и долгорочен просперитет. Покрај тоа што треба да нè освести целосно, во исто време е неопходен потсетник колку далеку заостанувавме – во планирањето на декарбонизацијата, енергетската безбедност и подготвеноста за инвестиции. Реалноста е дека оваа Влада и носителите засегнати со енергетската транзиција  меѓу кои е и АД ЕСМ, повеќе не се во фаза на давање декларативни изјави– туку имаат преземено конкретни  чекори во фаза на имплементација.

5. Кои чекори не се преземени од претходната Влада?

Па веднаш ќе ви одговорам дека иако декларативно ги прифатиле обврските за зелена транзиција која во својата суштина подразбира декарбонизација, ослободување од производството на електрична енергија од фосилни горива и воведување нови обновливи извори на енергија, за седум години не изградиле ниту еден нов производен капацитет. Не ми е јасно како ги презеле сите обврски кои подразбираат и затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј до 2030 година, а притоа не подготвиле терен за замена на тие носечки капацитети со нови, од еколошки прифатливи извори.

6. Што конкретно се смени во изминатата година?

Многу работи. Првпат земјава  воспостави посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Самото тоа е силен институционален сигнал. Но уште поважно е движењето што следуваше потоа. Министерството, заедно со нас и другите  државни енергетски компании, презема конкретни чекори за стабилизирање на работата, диверзификација на снабдувањето и проширување на капацитетите за обновлива и гасна енергија. Приоритет се дава на клучни инфраструктурни проекти – како проширување на ветерните и соларните капацитети, 400kV интерконекција со Албанија и подготовка на големи хидроенергетски капацитети како Чебрен и Галиште и Вардарска долина – за да се обезбеди долгорочна енергетска безбедност.  Паралелно, по многу години одложување, АД ЕСМ активно работи на својата стратегија за декарбонизација. Ова претставува значајна пресвртница во усогласување на работењето на нашата најголема енергетска компанија со пошироките климатски и енергетски цели на државата. До крајот на 2025 година се очекува потпишување на договорот за изградба на Фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, затворање на финансирањето за Битола 2 и 3 со инсталиран капацитет од 60 и 100 мегавати.  Во моментот, посветено работиме и на развој на проектите за пловечки фотоволтаици и батериски системи за складирање (BESS), со цел да бидат подготвени за финансирање наредната година. Од лани, откако е именувано новото раководство, АД ЕСМ интензивно се посвети на развој и имплементација на нови проекти, со што очекуваме дека во еден среднорочен период ќе бидат пуштени нови најмалку 237 MW фотонапонски електрани, кои пред сè, ќе бидат подигнати на деградирани површини  во РЕК Осломеј и РЕК Битола, а во тек е реализација на втората фаза на ВЕЦ Богданци од 13.6 MW која ќе биде целосно завршена до август 2027 година. Ова што ви го зборувам не е декларативно. Сите овие проекти треба да имаат теренска реализација во наредниве две до три години.   Го започнавме проектот ветерен парк Миравци со најмалку 100 MW , со поддршка на ЕБОР и  италијанската ЦДП, а исто така работиме на иницирање на ветерници на планинскиот масив Илинска Плакенска Бигла од најмалку 100 MW. Во грејната сезона 27-28 ќе биде Битола ќе добие парно греење преку проектот Топлификација на Битола, а во разговори сме со Светска Банка за изградба на когенеративна електрана во Битола. Да не заборавиме дека до крајот на годинава почнуваме со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“-Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на постојниот производен хидропотенцијал за 50 GWh. Во делот на хидроелектраните ги развиваме проектите ПАХЕЦ  Козјак 2 и 3, а во подготвителни активности за реализација е и проектот ХЕЦ Неготино. Станува збор за мала хидроелектраната на реката Вардар, покрај ТЕЦ Неготино со вкупна инсталирана моќност од 8 MW која ќе произведува околу 30 GWh електрична енергија годишно.  

За сето ова да биде возможно, ние имаме поддршка и одлична соработка со Владата, и премиерот Христијан Мицкоски, новото Министерство за енергетика, рударство и енергетски суровини и министерката Сања Божиновска,  а во оваа прилика упатувам и јавна благодарност до нашите деловни партнери, Европската Унија, механизмот WBIF, како и меѓународните финансиски институции ЕБОР, германската развојна KфВ банка, Светска Банка, италијанската ЦДП француската АФД кои се наши сојузници на патот кон целосна енергетска трансформација.

7. Критичарите често велат дека плановите добро звучат на хартија, но каде е одговорноста и финансирањето на целиот процес?

Тоа е сосема легитимно прашање.  Македонија е една од првите земји во регионот што ја операционализираше Платформата за праведна енергетска транзиција во партнерство со меѓународни финансиски институции како ЕБОР, Светска банка, ЕИБ, КфВ и други меѓународни партнери, како и со поддршка од ЕУ. Но ова не е само политичка декларација,  туку формална инвестициска рамка, поткрепена со јасни управувачки структури и дизајнирана за мобилизација на минимум 3 милијарди евра јавен и приватен капитал.  Истовремено, имаме пристап до 85 милиони американски долари од Климатскиот инвестициски фонд за инвестиции во енергетската транзиција. Ние сме целосно фокусирани на финализирање на инвестициското проектно портфолио, зајакнување на подготовката на проекти и воспоставување цврсти механизми за следење. Тоа не се апстрактни цели – туку конкретни чекори што директно одговараат на многу од прашањата посочени во ревизорскиот извештај. Во исто време, Платформата помага инвестициите во обновлива енергија, модернизација на мрежата и социо-економската поддршка за регионите погодени од јаглен да се спроведуваат на координиран и транспарентен начин.

8. Крајна порака за оние што ја следат состојбата од енергетскиот сектор?

Пораката е едноставна: имплементацијата на енергетската транзиција  е веќе започната.  Ги поставуваме темелите за модерен и диверзифициран енергетски сектор, кој ќе биде праведен за сите. Сега е време сите засегнати страни—јавните и приватните претпријатија, локалните заедници и меѓународните партнери да се вклучат конструктивно и да помогнат во реализацијата на оваа транзиција.  

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба