Фон дер Лејен: Европа мора да стане енергетски независна

Брисел. 10 септември 2025 – Европската унија влегува во „момент на независност“, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во своето годишно обраќање за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент. Таа ја постави енергетската независност како столб на новата европска стратегија и повика на забрзано ослободување од руските фосилни горива.

„Знаеме што ги зголеми цените – зависноста од руските фосилни горива. Затоа мораме да ги напуштиме. И знаеме што ги намалува цените – чистата домашна енергија,“ истакна фон дер Лејен, нагласувајќи дека иднината на континентот ќе се гради врз сопствени ресурси.

Таа потврди дека Унијата подготвува 19-ти пакет санкции против Москва, насочен кон побрзо укинување на увозот на руски нафта и гас. Новите мерки ќе опфатат и ограничувања за „флотите од сенка“ и за трети земји кои помагаат да се заобиколат постојните санкции.

РЕКЛАМА

Во обраќањето беа претставени неколку нови иницијативи:

  • Пакет за електрични мрежи – модернизација на мрежата и скратување на административните постапки за изградба на нови енергетски проекти;
  • „Енергетски автопати“ – отстранување на осум главни тесни грла во европската инфраструктура за да се обезбеди слободен и пристапен проток на енергија;
  • Фокус на обновливи извори и нуклеарна енергија – како трајна основа за сигурно снабдување и стабилни цени.

Покрај ова, претседателката на Европската комисија истакна дека, во фокусот на новите политики ќе биде и зајакнувањето на европското производство на батерии. Со т.н. „батериски пакет“, Комисијата ќе стимулира домашно производство на батерии, клучна технологија за електричните возила и други чисти енергетски решенија. Ова, според фон дер Лејен, е дел од стратегијата за „стратешка независност во чистите технологии“, со што ќе се обезбедат локални снабдувања каде што е можно.

Дополнително, ЕК ќе предложи патоказ за единствен пазар до 2028 година, насочен кон интеграција во енергетиката, финансии и телекомуникации. Планот ќе има „јасни политички рокови“ за комплетирање на процесот, што треба да ја зајакне конкурентноста и отпорноста на Унијата.

Фон дер Лејен нагласи дека енергетската независност е тесно поврзана со економската сила и индустриската конкурентност на Европа. Според неа, Европскиот зелен договор не само што ја насочува Унијата кон климатските цели за 2030 година, туку и создава водечки индустрии кои можат да извезуваат зелени технологии и решенија на глобално ниво.

„Оваа трансформација е суштинска за нашата независност. Таа ја намалува енергетската зависност и создава индустрии што ќе бидат предводници во светот,“ изјави таа.

Со директна порака дека Русија припаѓа на минатото, а иднината е во сопствената чиста енергија, претседателката на Комисијата го постави патот кон Европа која е истовремено енергетски безбедна и геополитички посилна.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба