Пало Алто. 16 август 2025 – Побарувачката на електрична енергија за вештачка интелигенција (ВИ) во САД може да се зголеми десет пати до 2030 година, предупредува најновиот извештај на Институтот за истражување на електрична енергија (EPRI).
Во моментов, вкупната потрошувачка на ВИ се проценува на околу 5 гигавати (GW), но до крајот на деценијата би можела да надмине 50 GW. Најголем двигател на растот е тренирањето на големи и комплексни „фронтјер“ модели на ВИ, се вели во извештајот објавен на 11 август во соработка со организацијата Epoch AI.
„Побарувачката од индивидуални тренинг-процеси може да биде еднаква на производството на големи електрани, што ќе бара нови пристапи во планирањето на мрежата, дозволите и инвестициите во инфраструктура,“ наведува EPRI.
Според прогнозите, до 2030 година ВИ би можела да троши над 5% од вкупниот производствен капацитет на САД. Еден поединечен модел, во највисоката проекција, може да достигне речиси 1% од вкупната национална електрична енергија.
Во извештајот се наведува дека најголемите центри за обука на ВИ ќе бараат од 1 до 2 GW до 2028 година, а меѓу 4 и 16 GW до 2030. Како пример, планираниот дата-центар на „Мета“ во Луизијана би можел да достигне 2 GW потрошувачка, додека проектот „Stargate“ во Тексас, во кој наводно учествуваат Microsoft и OpenAI, се проценува на 1,2 GW до 2026 година.
Сепак, EPRI предупредува дека проекциите зависат од многу фактори, меѓу кои ограничувањата во изградбата на нови електрани и преносни капацитети. Ако трендот продолжи, вештачката интелигенција ќе стане значаен дел од американскиот енергетски сектор до крајот на деценијата, со сериозни импликации врз плановите за чиста енергија и животната средина.
Извор: EPRI.com