Париз. 13 август 2025 – Меѓународната енергетска агенција (IEA) предупредува дека светскиот пазар на нафта до крајот на 2025 и во 2026 ќе биде соочен со значителен вишок на понуда, и покрај очекуваниот раст на побарувачката.
Според најновиот извештај за пазарот на нафта за август 2025 година, глобалната побарувачка ќе се зголеми за 680 илјади барели дневно (kb/d) во 2025 и за 700 kb/d во 2026, достигнувајќи 104,4 милиони барели дневно (mb/d). Растот во вториот квартал од годинава се должи исклучиво на земјите надвор од ОЕЦД, додека во ОЕЦД побарувачката е стагнантна.
Во извештајот се вели дека глобалната нафтена понуда во јули остана стабилна на 105,6 mb/d, со пад на производството во ОПЕК+ за 230 kb/d, надоместен со исто толку зголемување во не-ОПЕК+ државите. Со новите повисоки цели за септември, светската понуда годинава се очекува да порасне за 2,5 mb/d, а во 2026 за 1,9 mb/d, предводена од САД, Канада, Бразил и Гвајана.
Преработката на сурова нафта во август ќе достигне рекордни 85,6 mb/d, поттикната од силни маржи и зголемена активност во рафинериите на ОЕЦД и Кина.
Покрај ова, во извештајот се нотира дека, глобалните забележани залихи на нафта во јуни пораснаа петти месец по ред, достигнувајќи 46-месечен максимум од 7.836 милиони барели. ОЕЦД залихите паднаа на речиси најниско ниво во последната деценија.
Цените на нафтата во јули беа релативно стабилни околу 70 долари за барел, но во август паднаа на околу 67 долари поради планот на ОПЕК+ да ги укине доброволните намалувања на производството од 2,2 mb/d.
IEA забележува дека побарувачката во Кина, Индија и Бразил е послаба од очекуваното, а довербата на потрошувачите останува ниска. Исклучок е авиосообраќајот, каде летната сезона ја подигна побарувачката за авионско гориво до рекордни нивоа во САД и Европа.
На понудата влијаат и геополитичките фактори – новите санкции на САД кон Иран, притисокот врз големите купувачи на руска нафта, како и најавената забрана на ЕУ за нафтени деривати од руска сурова нафта од јануари 2026 година. Истовремено, ограничувањата кон Венецуела се олабавени, што би можело да донесе дополнителни количини на пазарот.
Извор: ИЕА