Меѓународната агенција за енергија (IEA) предупредува на ризици од прекумерна експанзија и пазарни нерамнотежи
Париз. 09 Јуни 2025 – Соларната енергија бележи невиден глобален раст, но тој доаѓа со сè поголема пазарна нестабилност, покажува најновиот извештај на IEA PVPS „Snapshot of Global PV Markets 2025“. Според податоците, вкупниот инсталиран фотоволтаичен (PV) капацитет на глобално ниво надмина 2,2 теравати (TW), со над 600 гигавати (GW) инсталирани само во 2024 година.
Овој историски пораст е поттикнат од драстичен пад на цените на соларните модули, предизвикан од прекумерна понуда, особено од Кина. Но, токму тој феномен, според IEA, открива и ранливост: брзиот раст не е проследен со адекватен развој на регулативата, инфраструктурата и стабилноста на синџирите на снабдување.
Кина доминира со приближно 357,3 GW нови капацитети во 2024 година, повеќе од половина од глобалната бројка, зацврстувајќи ја својата позиција како водечка соларна сила. Нејзината политика на државна поддршка, ниски производствени трошоци и огромен индустриски капацитет придонесоа за овој подвиг. По неа следуваат Европската унија (62,6 GW), САД (47,1 GW) и Индија (31,9 GW), а повеќе од 30 земји инсталирале над 1 GW.
Меѓу најголемите изненадувања е Пакистан, кој во една година го зголеми својот капацитет за 13 пати, достигнувајќи 17 GW. Но, тоа наметнува прашања за одржливоста, особено во однос на стабилноста на мрежата и неискористениот увоз.
Иако растот е импресивен, IEA предупредува дека постои ризик од нарушување на пазарната рамнотежа. Огромните залихи на модули, над 150 GW во Кина и Европа до крајот на 2023 продолжуваат да се акумулираат. Прекумерната понуда предизвика пад на цените, што од една страна е поволно за инсталаторите и крајни корисници, но создава притисок врз производителите и инвеститорите.
Оваа динамика доведе до повици за стратешка интервенција: ограничување на капацитетите, подобра координација меѓу понудата и побарувачката, и географска диверзификација на производството.
Од друга страна, според IЕА, во 2024 година, соларната енергија сочинуваше 75% од новоинсталираните капацитети од обновливи извори и 60% од новата чиста енергија. Големи проекти, особено во Кина, Индија и САД, го водеа растот, но и помалите, распределени системи (како покривната соларна енергија) продолжуваат да играат важна улога во енергетската демократизација, особено во земји со високи трошоци на струја, како Бразил и Германија.
IEA заклучува дека соларниот бум е придружен со „структурни нерамнотежи“ што бараат паметни политики, отпорни синџири на снабдување и поголема флексибилност на мрежите. Како што соларната енергија станува дел од пошироки цели, како што се декарбонизација на индустријата, производство на водород и адаптација кон климатските промени, потребна е подлабока интеграција со останатите енергетски сектори.
Извештајот е јасен: соларната енергија има потенцијал да стане столб на глобалната енергетска транзиција, но само ако се надминат пазарните, техничките и политичките слабости што се јавуваат паралелно со нејзината експанзија.
Извор: ИЕА