Скопје. 16 мај 2025 – Секретаријатот на Енергетската заедница го поздрави усвојувањето на новиот Закон за енергетика на Македонија, оценувајќи го како значаен чекор кон целосна интеграција на земјата во европскиот енергетски пазар.
Според Енергетската заедница, новата законска рамка претставува основа за поврзување на електроенергетскиот пазар на Македонија со единствениот европски пазар за ден однапред и внатредневна трговија со електрична енергија (SDAC/SIDC). Оваа клучна реформа ќе придонесе за подобрување на регионалната соработка, зголемување на ефикасноста на пазарот и зајакнување на енергетската безбедност, во согласност со правото на Енергетската заедница.
„Усвојувањето на овој закон ја демонстрира силната посветеност на Македонија кон европската енергетска интеграција,“ изјави Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница. „Ги очекуваме следните чекори, почнувајќи од целосна усогласеност со прописите, па сè до забрзана интеграција во единствениот електричен пазар на ЕУ и унапредување на безбедноста на системот.“
Истовремено, според Енергетската заедница спојувањето на пазарот зависи од потврденото усогласување на законските одредби со Договорот за Енергетската заедница. Секретаријатот ќе работи во блиска соработка со Македонија за да го поддржи овој процес и да обезбеди брзо и ефикасно усогласување.
Извор: Енергетска заедница