ЕУ со значаен пад на увозот на гас благодарение на политиките за намалување на потрошувачката

Вали Сити. 01 мај 2025 – Стратешките мерки на Европската Унија за намалување на потрошувачката на гас резултираа со значителен пад на вкупниот увоз на гас преку гасоводи и течен природен гас (LNG), што директно придонесе за јакнење на енергетската безбедност на Унијата. Ова го покажуваат најновите податоци објавени од Институтот за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA) преку новата алатка EU Gas Flows Tracker.

Анализата открива дека од 2021 до 2024 година, земјите-членки на ЕУ го намалиле заедничкиот увоз на гас и LNG за 18%, во услови на 20% намалена потрошувачка.

Иако прекинот на транзитот на руски гас преку Украина на 1 јануари 2025 година доведе до раст на увозот на LNG во првиот квартал од 2025 година, вкупниот увоз останал непроменет во споредба со истиот период во 2024 година и бил дури 1% понизок од првиот квартал од 2023.

Реклама

Според, Ана Марија Јалер-Макаревич, водечки енергетски аналитичар за Европа во IEEFA „Зависноста на ЕУ од гасоводи и LNG значи подложност на геополитички тензии и нарушувања во снабдувањето. Но, преку намалена потрошувачка, диверзифицирани извори, пренасочени текови и засилен развој на обновливи извори, ЕУ успешно ја ублажува оваа ранливост“.

Таа смета дека, доколку Унијата продолжи со овие политики, би можела да ги задоволи енергетските потреби без изградба на нова гасна инфраструктура или зголемување на увозот. Зголемени инвестиции во обновлива енергија и инсталација на топлински пумпи би ја зацврстиле енергетската безбедност и би ја намалиле осетливоста на домаќинствата и индустријата на флуктуации во цените на гасот.

Алатката EU Gas Flows Tracker, која го надополнува постојниот European LNG Tracker на IEEFA, овозможува следење на промените во увозот на гас преку гасоводи од 2021 година до денес, и воедно, ги прикажува прекуграничните текови во рамки на ЕУ.

Во пресрет на најавената стратегија на Европската комисија за целосно напуштање на руските енергетски извори до 2027 година, која ќе биде објавена на 6 мај, новите бројки покажуваат дека, и покрај напредокот, зависноста од руски гас сè уште не е целосно надмината.

Во 2024 година, комбинираниот увоз на руски гас и LNG порасна за 19,5%. Иако транзитот преку Украина заврши, увозот на руски гас преку Турција бележи пораст од 16% во првиот квартал од 2025 година.

Сепак, трендот е јасен – ЕУ постепено ја намалува својата зависност од руски енергенси. Во првиот квартал од 2025 година, најголем добавувач на гас и LNG беше Норвешка со 30%, следена од САД со 25%, Русија со 14% и Алжир со 13%.

Извор: IEEFA

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement