Европските снабдувачи бараат пониски даноци и надоместоци на сметките за струја

Европските снабдувачи со електрична енергија бараат од владите на земјите членки на ЕУ да ги намалат даноците и другите давачки што ја зголемуваат цената на струјата за потрошувачите. Според Eurelectric, сегашниот даночен третман во дел од европските земји ја прави електричната енергија помалку конкурентна во однос на фосилните горива и го забавува преминот кон електрификација.

Во документ за ставови објавен на 27 ноември, европското здружение на електроенергетската индустрија повикува на преиспитување на даночната политика, ограничување на давачките што не се директно поврзани со енергетското снабдување и подобро насочување на помошта кон домаќинствата што се соочуваат со енергетска сиромаштија. Истовремено, здружението бара да се зачува конкурентноста на малопродажниот пазар и можноста снабдувачите да ги формираат цените според пазарните услови.

Од Eurelectric укажуваат на противречноста во европската енергетска политика: од една страна, ЕУ настојува да ја забрза електрификацијата на транспортот и греењето и да ја намали зависноста од фосилните горива, а од друга, даноците и надоместоците во некои земји ја поскапуваат електричната енергија и ги намалуваат финансиските придобивки за домаќинствата што инвестираат во електрични возила и топлински пумпи.

РЕКЛАМА

Генералниот секретар на Eurelectric, Кристијан Руби, истакнува дека на Европа ѝ се потребни големи инвестиции во електрификацијата за да ја зајакне енергетската независност и да изгради поефикасен енергетски систем. Но, според него, потрошувачите мора да ги почувствуваат придобивките од енергетската транзиција, а не само да ги сносат почетните трошоци за новите технологии.

Предлозите на здружението се однесуваат на три области. Првата е реформата на оданочувањето, со цел електричната енергија да не биде понеповолно третирана од фосилните горива. Се бара преиспитување на давачките што не се поврзани со енергетското снабдување, како и порамномерна распределба на даночниот товар меѓу различните енергенси. Таму каде што буџетските можности го дозволуваат тоа, даноците и надоместоците треба да се намалат до најниските дозволени нивоа, со посебни олеснувања за домаќинствата погодени од енергетска сиромаштија.

Втората област е заштитата на ранливите потрошувачи. Eurelectric смета дека наместо општи интервенции на пазарот, поддршката треба да се насочи кон домаќинствата што имаат тешкотии да ги плаќаат сметките за енергија. Таквата помош, според здружението, треба да се спроведува преку социјални политики и долгорочни мерки.

Третото барање се однесува на формирањето на цените. Eurelectric предупредува дека ограничувањето на можноста снабдувачите да ги приспособуваат тарифите на пазарните услови може да ги ослаби мотивите за штедење и рационално користење на електричната енергија. Зачувувањето на ценовните сигнали, пак, им овозможува на потрошувачите да пренасочат дел од потрошувачката во часовите кога струјата е поевтина, а со тоа да ги намалат трошоците и да придонесат за поефикасно функционирање на електроенергетскиот систем.

Снабдувачите најавуваат дека и самите треба да придонесат за подобро управување со трошоците на домаќинствата, преку појасни информации за потрошувачите, поддршка за мерки за енергетска ефикасност и полесен пристап до технологии за електрификација.

Барањата доаѓаат во период кога достапноста на енергијата и забрзувањето на електрификацијата се меѓу приоритетите на ирското претседателство со Советот на ЕУ. Главната порака на европските снабдувачи е дека владите треба да го намалат делот од сметките врз кој директно влијаат, даноците и другите давачки, наместо да интервенираат во формирањето на цените на електричната енергија.

Извор: Eurelectric.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил