Американскиот милијардер Тод Боли постигна договор за преземање на меѓународниот енергетски бизнис на рускиот нафтен гигант „Лукоил“, во трансакција чија вредност се проценува на околу 16 милијарди долари. Во конзорциумот учествува и американската влада преку Меѓународната корпорација за развојно финансирање (DFC), која ќе добие сопственички удел и право на дел од идната добивка.
Договорот опфаќа нафтени и гасни полиња, рафинерии, нафтоводи, трговски активности и мрежа на бензински станици во повеќе земји. Во опфатот на меѓународното работење на „Лукоил“ се и земјите од ЈИЕ, влкучително и Македонија, што значи дека евентуалната промена на сопственоста може да се одрази и врз присуството на руската компанија на овие пазари.
Според информациите на „Ројтерс“, договорот предвидува размена на хартии од вредност поврзани со „Лукоил“, проценети на околу 10 милијарди долари, за целосно преземање на компанијата „Лукоил интернешнл“ (Lukoil International GmbH), преку која рускиот гигант ги контролира своите средства во странство.
Трансакцијата сè уште не е завршена. Потребна е дозвола од Канцеларијата за контрола на странски средства при американското Министерство за финансии (OFAC), која треба да утврди дали предложената структура е во согласност со санкциите воведени против „Лукоил“ во октомври 2025 година.
Вашингтон добива удел во глобална енергетска инфраструктура
Конзорциумот го предводи инвестициската групација „Елдриџ“ (Eldridge) на Боли, а во него учествуваат и американската DFC, инвестициската банка „Икстелус партнерс“ (Xtellus Partners) и компанијата „Катена инвестмент холдинг“ (Catena Investment Holding) од Обединетите Арапски Емирати.
Учеството на американската држава е еден од најзначајните аспекти на договорот. DFC ќе добие сопственички удел во компанијата, место во нејзината управувачка структура и право на дел од идната добивка, откако приватните инвеститори ќе го повратат вложениот капитал и ќе го остварат договорениот принос. Големината на американскиот удел засега не е објавена.
Меѓународното портфолио на „Лукоил“ опфаќа активности во околу 40 земји, додека производствените средства се распоредени во 11 држави и обезбедуваат околу 350.000 барели нафта дневно. Во пакетот се вклучени нафтени полиња во Азербејџан и Казахстан, рафинерии во Холандија, Бугарија и Романија, како и повеќе од 2.000 бензински станици во 16 земји.
Од американската развојна корпорација посочиле дека пренесувањето на стратешка енергетска инфраструктура под контрола на САД или нивни сојузници е еден од приоритетите на администрацијата.
Преземање без директна исплата на Русија
Предложениот модел се разликува од вообичаените преземања на компании. Наместо купувачите да му платат на „Лукоил“ во готовина, тие ќе ги разменат неговите хартии од вредност, кои беа замрзнати по западните санкции воведени по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Хартиите, кои се проценети на околу 10 милијарди долари, биле во сопственост на американски и британски инвестициски фондови, како и на депозитарни банки што ги чувале во име на индивидуални инвеститори. Нивната вредност беше значително намалена поради санкциите и ограничувањата за тргување.
Според договорената структура, тие ќе бидат депонирани на посебна сметка во Обединетите Арапски Емирати, наместо да му бидат директно префрлени на „Лукоил“. Целта е да се избегне директна исплата на средства на руската компанија и да се исполнат условите на американскиот санкциски режим.
Боли изјавил дека финализирањето на трансакцијата може да потрае до една година, а по преземањето меѓународниот бизнис на „Лукоил“ ќе добие ново име.
Македонија во опфатот на промената
Промената на сопственоста би имала последици и за присуството на „Лукоил“ во Југоисточна Европа. Во меѓународното портфолио што е предмет на договорот се вклучени и компаниите на руската групација во Македонија.
Во Македонија „Лукоил“ работи преку компанијата „Лукоил Македонија“, која има малопродажна мрежа на бензински станици. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика од 2022 година, компанијата тогаш управувала со 35 бензински станици. Локалната компанија е во сопственост на „Лукоил интернешнл“ со седиште во Виена, правното лице што е предмет на договорот за преземање.
Доколку трансакцијата биде одобрена и реализирана, работењето на „Лукоил“ во двете земји би можело посредно да премине под новата сопственичка структура, предводена од конзорциумот на Боли, во кој учествува и американската држава.
Засега нема информации дали промената на сопственоста би донела и промена на брендот на бензинските станици во Македонија.
Претходните обиди за продажба не успеаја
Продажбата на меѓународниот бизнис на „Лукоил“ трае повеќе од една година, откако американските санкции ја принудија руската компанија да бара купувач за своите средства во странство.
Претходниот обид со трговецот со енергенси „Гунвор“ пропадна по противењето на американската администрација. Во јануари 2026 година „Лукоил“ објави договор со инвестициската групација „Карлајл“ (Carlyle), но трансакцијата не доби дозвола од OFAC.
Новата понуда на конзорциумот предводен од Боли сега е пред истата клучна регулаторна пречка. Нејзиното одобрување би значело повлекување на рускиот нафтен гигант од голем дел од меѓународните пазари и пренос на неговата странска енергетска инфраструктура под сопственичка структура во која директно учествуваат американски инвеститори и државата.
Енергетика 24
