Ограничувањата на Европската Унија за користење инвертери означени како високоризични може да доведат до просечно намалување од 6% на новите соларни инсталации и 5% на капацитетите за складирање енергија во Централна и Источна Европа во периодот од 2027 до 2030 година. Најизразени последици се очекуваат во Романија, Чешка и Бугарија, каде што поголем дел од проектите зависат од европско финансирање.
Ова го покажува анализата на консултантската компанија „Вуд Мекензи“ (Wood Mackenzie), според која мерките на Европската комисија за инвертерите, воведени во април 2026 година, создаваат неизвесност на пазарот и дополнителни предизвици за снабдувањето. Ограничувањата се однесуваат на проекти за соларна енергија и складирање што добиваат кредити од институции на ЕУ или директна европска финансиска поддршка.
Со истекувањето на преодниот рок на 1 ноември годинава, „Вуд Мекензи“ проценува дека меѓу 2027 и 2030 година ограничувањата ќе опфатат побарувачка за повеќе од 21 гигават соларни инвертери и 13 гигавати инвертери за системи за складирање енергија во Европа.
Мерките се поврзани со растечката загриженост за сајбер-безбедноста и сигурноста на синџирите на снабдување. Практично, сите производители на инвертери со седиште во Кина ќе бидат опфатени со класификацијата за високоризични добавувачи. Кинеските компании во 2025 година учествувале со повеќе од 80% во испораките на инвертери за европскиот пазар, а нивното присуство е особено големо во земјите каде што цената има пресудно влијание врз инвестициите.
Според анализата, Централна и Источна Европа е поизложена на последиците од ограничувањата бидејќи поголем дел од проектите во регионот се потпираат на европски кредити и грантови, додека кинеските производители имаат силно воспоставена продажна и сервисна мрежа.
Иако производителите надвор од категоријата високоризични добавувачи би можеле да ја покријат европската побарувачка, проблемот е во достапноста на опремата на локалните пазари. Компаниите од регионот предупредуваат дека на западните производители може да им бидат потребни месеци, па и години за да изградат соодветна инфраструктура за продажба и постпродажна поддршка. Подолгите рокови за испорака на големи нарачки, исто така, може да го одложат спроведувањето на поголемите проекти.
Дополнителен ризик претставува растот на трошоците. „Вуд Мекензи“ наведува дека дури и зголемување од 1% до 5% може да биде проблем за проекти со веќе ограничени инвестициски маржи. Промената на инвертерите може да ја зголеми вкупната цена на соларните и складишните системи за 2% до 10%, иако самите инвертери претставуваат релативно мал дел од вкупната инвестиција.
Во основното сценарио на анализата, вкупните прогнози за инсталации на соларни капацитети и системи за складирање во Европа во периодот од 2027 до 2030 година се намалуваат за 3%. Последиците најмногу би се почувствувале во 2027 година, кога синџирите на снабдување на западните производители сè уште нема да бидат целосно развиени.
Анализата разгледува и построго сценарио, во кое Европската Унија би вовела целосна забрана за високоризичните инвертери во сите нови проекти, без оглед на изворот на финансирање, од 2029 година. Во таков случај, загубите во планираните инсталации во Централна и Источна Европа би надминале 18% кај соларната енергија и 13% кај складирањето. На ниво на целата ЕУ, намалувањето би изнесувало 11% кај соларните капацитети и 13% кај системите за складирање.
Предизвиците не се однесуваат само на набавката на инвертери. Во Европа се широко застапени интегрирани системи за складирање на наизменична струја, во кои батеријата и инвертерот се испорачуваат од ист производител. Раздвојувањето на ваквите решенија може да ги зголеми цените и да ги усложни инсталацијата, гаранциите и сервисирањето. Дополнителен трошок ќе имаат и изведувачите, кои ќе треба да ги обучат вработените за работа со нови модели на опрема.
Истражувањето на „Вуд Мекензи“ е изработено врз основа на разговори и анкети со повеќе од 30 учесници на пазарот, меѓу кои производители, дистрибутери, инвеститори и национални соларни здруженија. Извештајот е нарачан од „СоларПауер Јуроп“ (SolarPower Europe), но компанијата наведува дека заклучоците произлегуваат од нејзиното независно моделирање и истражување.
„Вуд Мекензи“ посочува дека Европската комисија досега нема објавено официјален документ или соопштение со целосните детали за одлуката од април 2026 година, па анализата на ограничувањата се темели на јавни изјави, соопштенија и разговори со учесници во индустријата.
Извор: Woodmac.com
