Сајбер-нападите и ризиците од кражба на податоци се најголемите безбедносни предизвици со кои се соочуваат германските оператори на дистрибутивните електроенергетски мрежи во процесот на дигитализација. Речиси 78% од учесниците во новото истражување на софтверската компанија „Енвелио“ и специјализираното списание „Енергате“ оцениле дека изложеноста на сајбер-напади претставува висок или многу висок ризик.
Истражувањето, спроведено во септември и октомври годинава меѓу околу 90 претставници од енергетскиот сектор, ја анализира состојбата со дигитализацијата на дистрибутивните мрежи во Германија, напредокот и пречките за нејзино спроведување.
Покрај сајбер-нападите, значителна загриженост предизвикува и безбедноста на податоците. Повеќе од половината испитаници го оцениле ризикот од нивно неовластено откривање како висок.
Дигитализацијата им овозможува на операторите да ги следат напонот и струјата во реално време, со што поефикасно се користи расположливиот капацитет на електричните водови. Меѓу алатките што добиваат сè поголемо значење се и дигиталните близнаци, виртуелни модели на електроенергетските мрежи што овозможуваат планирање, анализа и предвидување на можните тесни грла во инфраструктурата.
Сепак, поголемата поврзаност и автоматизација истовремено ја зголемуваат изложеноста на операторите на сајбер-закани.
И покрај безбедносните предизвици, интересот за новите технологии е голем. Дури 84% од анкетираните оператори веќе користат дигитални близнаци или планираат нивно воведување.
„Индустријата го препозна потенцијалот на дигитализацијата. Сега предизвикот е да се надмине јазот меѓу разбирањето на придобивките и нивната практична примена“, наведуваат авторите на истражувањето.
Германија заостанува во дигитализацијата на мрежата
Истражувањето доаѓа во период кога Германија се соочува со критики од Европската комисија поради бавното дигитализирање на електроенергетската инфраструктура, особено во делот на дистрибутивните мрежи и воведувањето паметни броила.
Земјата има повеќе од 800 оператори на дистрибутивни мрежи, кои ги поврзуваат потрошувачите и новите енергетски технологии со електроенергетскиот систем, вклучително и топлинските пумпи, електричните возила и малите соларни централи.
Бавното проширување и модернизација на мрежата, како и доцнењата во приклучувањето нови производни и складишни капацитети, сè повеќе претставуваат пречка за инвестициите и енергетската транзиција.
Германската Федерална канцеларија за безбедност на информациите уште во почетокот на 2025 година предупреди дека инфраструктурата за снабдување со електрична енергија станува сè позначајна цел на сајбер-напади.
Наодите од истражувањето укажуваат дека дигитализацијата на дистрибутивните мрежи не е само прашање на технолошка модернизација и поефикасно управување со електричната енергија, туку и на воспоставување соодветна заштита од сајбер-закани.
Извор: CleanEnergyWire.org
