Грција го забрзува развојот на капацитетите за складирање електрична енергија, откако заврши оценувањето на инвестициските барања за изградба на батериски системи, со што проекти со вкупна моќност до 4.700 мегавати ќе преминат во следната фаза од постапката за добивање конечни понуди за приклучување на мрежата.
Според податоците на грчкото Министерство за животна средина и енергетика, биле поднесени вкупно 831 барање за изградба на складишта за електрична енергија, со вкупен капацитет од 12.319 MW. Од нив, 221 барање со моќност од 10.521 MW се однесуваат на приклучување кон преносната мрежа, со која управува независниот оператор АДМИЕ, додека 610 барања со капацитет од 1.798 MW се за приклучување кон дистрибутивната мрежа, управувана од ДЕДДИЕ.
По спроведената евалуација, во ранг-листите се вклучени проекти со вкупна моќност од 7.770,76 MW. Од нив, 6.366,88 MW се предвидени за приклучување кон преносната мрежа, а 1.403,88 MW кон дистрибутивната мрежа.
Сепак, конечни понуди за приклучување ќе бидат издадени за проекти со вкупен капацитет до 4.700 MW, во согласност со утврдените ограничувања за секоја категорија. АДМИЕ и ДЕДДИЕ ќе ја спроведуваат постапката според редоследот на приоритет на барањата, при што ќе се земаат предвид техничките можности за приклучување и правилата за спречување прекумерна концентрација на капацитетите.
Големиот број поднесени барања, според грчките власти, ја потврдува заинтересираноста на инвеститорите и значењето на новата регулаторна рамка за развој на складирањето енергија.
Овие капацитети треба да овозможат поефикасно искористување на електричната енергија произведена од обновливи извори, особено во периодите кога производството од сончевите и ветерните електрани е поголемо од моменталната потрошувачка. Складираната енергија потоа може да се врати во мрежата кога побарувачката е повисока, со што се зголемува флексибилноста и сигурноста на електроенергетскиот систем и се ограничува потребата од ограничување на производството од обновливи извори.
Грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, изјави дека следната цел на енергетската транзиција е произведената чиста енергија да може да се складира и да се користи во најголема можна мера.
– Грција во последните години направи голем исчекор во енергетската транзиција, инвестирајќи во инфраструктура и проекти што ги користат нејзините енергетски предности. Следната цел е оваа енергија да ја складираме за да можеме целосно да ја искористиме, со конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Затоа го забрзуваме развојот на складирањето енергија, со проекти до 4.700 MW кои преминуваат во следната фаза – изјави Папаставру.
Тој посочи дека државата ќе продолжи да ги поддржува инвестициите, од големите инфраструктурни проекти до домаќинствата, земјоделците и компаниите, со цел да се создаде електроенергетски систем со помалку прекини, поголема сигурност и постабилни цени на енергијата.
Извор: Ypen.gov.gr
