ENTSO-E: Европа влегува подготвена во зимата, ризици за снабдувањето со струја во неколку региони

Европа во целина има доволно расположливи ресурси за да ја задоволи побарувачката на електрична енергија во текот на зимата 2026/2027 година, но во одделни делови од континентот и натаму постојат ризици за сигурноста на снабдувањето. Ова го покажува најновата зимска процена на Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија ENTSO-E), објавена на 13 ноември.

Во извештајот се оценува дека европскиот електроенергетски систем генерално е во поволна позиција пред зимската сезона, при што во споредба со претходната година значително се зголемени капацитетите за производство од обновливи извори и складирање електрична енергија во батерии. Истовремено, продолжува намалувањето на капацитетите на конвенционалните термоелектрани.

Инсталираните капацитети од обновливи извори се зголемиле за околу 134 гигавати, односно за 16%, главно благодарение на новите соларни електрани на покриви, индустриски објекти и големи производствени постројки.

РЕКЛАМА

Капацитетот на батериските системи за складирање електрична енергија е повеќе од двојно зголемен и достигнал 38 гигавати. Од друга страна, капацитетите на термоелектраните на камен јаглен и лигнит се намалени за речиси шест гигавати.

Планираните прекини на производствените капацитети и очекуваната побарувачка се на ниво слично на минатата зима. Сепак, хидроакумулациите и акумулациите во Европа во просек имаат пониски водостојни резерви од вообичаеното, што претставува еден од факторите што треба да се следат во текот на сезоната.

Најизразени ризици во Кипар, Финска и делови од Данска

Иако вкупната процена за Европа е поволна, ENTSO-E идентификува одредени ризици во неколку електроенергетски системи.

Најизразени ризици се забележани во Кипар, кој нема електроенергетска интерконекција со континенталната европска мрежа. Одредени ризици во нормални пазарни услови се идентификувани и во Малта и Ирска, но тие значително се ублажуваат со користење посебни ресурси што не се активираат преку пазарните механизми.

Помали показатели за можни недостиг на расположлива електрична енергија се забележани и во источниот дел на Данска, во Финска и во Северна Ирска.

Од ENTSO-E посочуваат дека реалните услови во текот на зимата може да бидат потешки во одделни области доколку побарувачката, временските услови, расположливоста на производствените капацитети или прекуграничната размена на електрична енергија отстапуваат од претпоставките врз кои е изработена процената.

Клучна улога на прекуграничната соработка

Во извештајот се нагласува дека координацијата меѓу европските оператори на преносните системи, регионалните координативни центри и националните институции ќе биде од суштинско значење за одржување на рамнотежата меѓу производството и потрошувачката во текот на зимата.

Операторите ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата со сигурноста на снабдувањето, а механизмите за справување со можни ризици опфаќаат неделна оперативна координација меѓу операторите, регионална соработка и национални планови за подготвеност при ризици.

ENTSO-E оценува дека европската процена овозможува поширока слика за сигурноста на снабдувањето, надополнувајќи ги анализите што се спроведуваат на национално и регионално ниво.

Зимскиот извештај за 2026/2027 година, според организацијата, укажува на генерално стабилна подготвеност на европскиот електроенергетски систем, но и на потребата од континуирано следење на локалните ризици, особено во системите со ограничени или непостоечки интерконекции со континенталната мрежа.

Изво: Еntsoe.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил