Siemens Energy со рекордна добивка во 2026 година, за 2030 најавува маржа до 22%

Siemens Energy ја заврши фискалната 2026 година со рекордни финансиски резултати, исполнувајќи ги или надминувајќи ги сите претходно зголемени цели. Компанијата оствари раст на приходите од 15,5%, повеќе од двојно ја зголеми профитната маржа, а нејзината добивка надмина четири милијарди евра. За 2030 година најавува амбициозни цели, меѓу кои годишен раст на приходите од 12% до 14% и профитна маржа од 20% до 22%.

Фискалната година, која заврши на 30 септември 2026 година, донесе приходи од 44,2 милијарди евра, додека добивката пред посебните ставки достигна 5,5 милијарди евра. Профитната маржа пред посебните ставки се зголеми на 12,4%, наспроти 6% во претходната фискална година.

Нето-добивката на групацијата достигна нешто повеќе од 4,1 милијарди евра, во споредба со 1,7 милијарди евра во фискалната 2025 година. Слободниот паричен тек пред оданочување речиси двојно се зголеми, достигнувајќи 8,8 милијарди евра, над првично поставената цел од околу осум милијарди евра.

РЕКЛАМА

Претседателот и извршен директор на „Siemens Energy“, Кристијан Брух, оцени дека компанијата ги исполнила преземените обврски, значително ја зголемила добивката и постигнала рентабилност во бизнисот со ветерна енергија.

„Ги исполнивме сите зголемени цели, значително ја подобривме добивката и постигнавме рентабилност во нашиот бизнис со ветерна енергија. Тоа претставува основа за следната фаза од трансформацијата. Нашите цели за 2030 година ја покажуваат насоката и нивото на амбиција“, изјави Брух.

Ветерниот бизнис повторно на позитивна нула

Еден од најзначајните резултати е постигнувањето рентабилност на „Siemens Energy“ за целата фискална година. Компанијата, која се соочуваше со сериозни финансиски проблеми, оствари добивка пред посебните ставки од осум милиони евра, наспроти загубата од 1,4 милијарди евра една година претходно.

Со тоа, „Siemens Gamesa“ го исполни ветувањето дадено пред една година, а во текот на фискалната 2026 година забележа и втор последователен квартал со позитивен резултат. Подобрувањето на ветерниот бизнис беше најголемиот поединечен придонес кон растот на профитабилноста на групацијата.

Рекордна побарувачка и портфолио на нарачки од 164 милијарди евра

Вкупните нарачки на „СSiemens Energy“ се зголемиле за 18,8%, достигнувајќи 68,1 милијарда евра. Најголем придонес имал сегментот за гасни услуги, со раст од 45,9%, на 32,8 милијарди евра.

Нарачките во сегментот за мрежни технологии се зголемиле за 14,5%, на 24 милијарди евра, додека секторот за индустриска трансформација забележал раст од 6,5%, на 6,3 милијарди евра. Кај „Siemens Gamesa“ нарачките се намалиле за 31,1%, на 5,9 милијарди евра, споредено со силната претходна година, во која биле склучени големи договори за проекти во Балтичкото Море.

Особено силен раст е забележан во САД, каде што нарачките на ниво на групацијата се зголемиле за 70,8%, достигнувајќи 27,7 милијарди евра.

Соодносот меѓу нарачките и приходите изнесувал 1,54, што значи дека компанијата продолжила да добива повеќе нарачки отколку што остварува приходи. Вкупното портфолио на нарачки достигнало нов рекорд од 164 милијарди евра.

Дивиденда од 2,30 евра и откуп на акции до девет милијарди евра

Поради силните резултати, управата ќе предложи исплата на дивиденда од 2,30 евра по акција за фискалната 2026 година, повеќе од трипати повисока од дивидендата од 0,70 евра исплатена за претходната година.

Вкупниот поврат кон акционерите, вклучувајќи го и откупот на сопствени акции, за фискалната 2026 година изнесува пет милијарди евра. Дополнително, компанијата планира да го прошири програмот за откуп на сопствени акции и до крајот на фискалната 2030 година да откупи акции во вредност до девет милијарди евра.

Цел од 20% до 22% профитна маржа до 2030 година

„Siemens Energy“ очекува позитивните пазарни услови и високата побарувачка за електроенергетска инфраструктура да продолжат да го поддржуваат растот и во наредните години.

За фискалната 2027 година компанијата предвидува раст на приходите од 14% до 16%, профитна маржа пред посебните ставки од 14% до 16%, нето-добивка од околу пет милијарди евра и слободен паричен тек пред оданочување од околу 10 милијарди евра.

За 2030 година целите се годишен раст на приходите од 12% до 14% и профитна маржа од 20% до 22%.

Во компанијата оценуваат дека гасните услуги имаат потенцијал за долгорочен раст на профитабилноста, бидејќи новите нарачки за опрема ја прошируваат инсталираната база и создаваат можности за дополнителни сервисни приходи. Кај мрежните технологии, долгорочниот инвестициски циклус е поддржан од потребата за проширување, модернизација и стабилизација на електроенергетските мрежи.

Дополнителен потенцијал се очекува и од постепеното закрепнување на ветерниот бизнис, како и од побарувачката за енергија од ветер по 2030 година.

Компанијата во август најави и подготовка за правно и оперативно издвојување на деловната единица за индустриска трансформација, со цел таа да функционира како самостоен субјект. Со тоа, „Siemens Energy“ сака да обезбеди поголем стратешки фокус за останатите бизниси, додека издвоената единица би добила поголема флексибилност и можности за привлекување надворешни инвеститори или евентуална трансакција на пазарот на капитал.

Финансиската директорка Марија Фераро посочи дека компанијата ќе продолжи да инвестира во профитабилен раст, да го оптимизира своето портфолио и да ја одржува финансиската стабилност, паралелно со враќањето на вишокот капитал кон акционерите.

Извор: Siemens-energy.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил