Италија најавува до 5% пониски сметки за струја, но бара забрзување на инвестициите во обновливи извори

Новиот италијански декрет за електрична енергија треба да донесе вкупно околу три милијарди евра заштеди во период од 18 месеци, преку ограничување на цената на гасот што се користи за производство на струја. Министерот за животна средина и енергетска безбедност Џилберто Пикето Фратин оценува дека мерката ќе придонесе за намалување на сметките за околу 5%, но нагласува дека на долг рок Италија мора да го зголеми домашното производство, особено од обновливи извори.

Италијанските компании и домаќинства со договори за електрична енергија со променлива цена ќе почувствуваат одредено намалување на сметките од јануари, откако владата го усвои новиот декрет за енергетските трошоци. Мерката предвидува ограничување на цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија на 58,90 евра за мегават-час, со што треба да се намали и конечната цена на струјата.

Министерот за животна средина и енергетска безбедност Џилберто Пикето Фратин, во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела Сера“, изјави дека очекуваното намалување на сметките може да достигне околу 5%, додека просечниот ефект од мерката ќе изнесува приближно 15 евра за мегават-час.

РЕКЛАМА

Поддршката ќе започне во јануари и ќе трае 18 месеци, а поголем финансиски ефект се очекува кај компаниите, особено кај енергетски интензивните индустрии.

Според министерот, вкупниот ефект од намалувањето на сметките во наведениот период се проценува на околу три милијарди евра. Мерката, како што објасни, нема директно да го оптовари државниот буџет, бидејќи е поставена како самофинансирачки механизам, при што дел од трошокот ќе го понесат и субјектите што ќе имаат корист од неа.

Фратин појасни дека декретот првенствено е насочен кон компаниите, но корекцијата на механизмот за пресметување на единствената национална цена на електричната енергија ќе има ефект и врз другите потрошувачи.

Сепак, намалувањето нема да биде еднакво за сите домаќинства. Од околу 30 милиони домаќински броила во Италија, приближно 50% се опфатени со договори со фиксна цена, поради што кај овие потрошувачи нема да има промена на цената во рамки на новата мерка. Ефектот ќе се почувствува главно кај корисниците со договори со променлива цена.

Министерот посочи и дека 2,7 милиони ранливи потрошувачи добиле бонус поголем од 100 евра, покрај постојниот социјален бонус, додека повеќе од 2,5 милиони домаќинства користат обновливи извори на енергија.

Фратин оцени дека новиот декрет е прв чекор за ублажување на енергетските трошоци, во услови кога индустријата и натаму се соочува со високите цени на енергијата, дополнително оптоварени од последиците на воените конфликти.

Осврнувајќи се на енергетската состојба во земјата, тој посочи дека Италија сè уште не произведува доволно електрична енергија за да ги задоволи сопствените потреби. Годишната потрошувачка изнесува околу 315 терават-часови, додека домашното производство достигнува околу 260 терават-часови. Поради тоа, земјата и натаму зависи од увоз, особено од Франција и Швајцарија.

Според податоците што ги презентираше министерот, обновливите извори учествуваат со 42% во енергетскиот микс на Италија, исто колку и термоелектраните, додека остатокот се обезбедува преку увоз.

Дополнителен предизвик ќе биде очекуваниот раст на потрошувачката на електрична енергија во наредните години. Фратин посочи дека минатото лето Италија го достигнала историски највисокото ниво на потрошувачка, а проценките покажуваат дека до 2040 година побарувачката би можела да се зголеми за дополнителни 155 терават-часови.

Како одговор на растечките потреби, министерот смета дека земјата мора да ги забрза инвестициите во ветерната, геотермалната, хидроенергијата и фотоволтаичната енергија, надминувајќи ги пречките и отпорот кон новите проекти. Како дел од идниот енергетски микс ја посочи и нуклеарната енергија.

Во однос на брзиот развој на центрите за податоци, Фратин оцени дека тие претставуваат можност за Италија и дека не треба да бидат предмет на негативни перцепции, но предупреди дека нивното приклучување и функционирање бараат внимателно планирање и долгорочно усогласување со енергетските капацитети.

– На земјата ѝ се потребни центрите за податоци, но тоа бара планирање и опсежна подготовка, истакна италијанскиот министер.

Извор: Corriere.it

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил