Ла Камера: COP31 треба да ја забрза електрификацијата и инвестициите во обновливи извори

Фокусот на климатската конференција во Анталија треба да биде ставен на спроведување на веќе преземените климатски обврски и преземање конкретни чекори за зголемување на учеството на електричната енергија во глобалниот енергетски систем на 35% до 2035 година, вели генералниот директор на ИРЕНА, Франческо Ла Камера.

Климатската конференција на Обединетите нации COP31 се очекува да даде дополнителен поттик за глобалните инвестиции во обновливи извори на енергија и електрификацијата, со посилен акцент на спроведувањето на постојните климатски обврски, оцени генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), Франческо Ла Камера.

Во интервју за турската новинска агенција „Анадолу“ за време на конференцијата во Анталија, Ла Камера ја оцени COP31 како најголем настан во областа на енергетиката и климатските промени оваа година, посочувајќи дека електрификацијата е еден од клучните инструменти за зголемување на енергетската ефикасност и декарбонизација на енергетските системи.

РЕКЛАМА

Тој изрази очекување дека конференцијата ќе испрати силни пораки за поширока употреба на чиста енергија и намалување на емисиите, но нагласи дека е неопходно политичките заложби да се преточат во конкретни активности.

Според Ла Камера, иницијативата за електрификација, покрената од претседателството на Турција со COP31 за време на климатските состаноци во средината на годината, веќе создаде значителен импулс во енергетскиот сектор.

Тој изрази надеж дека иницијативата ќе добие широка поддршка и ќе стане дел од конечните заклучоци на конференцијата, оценувајќи дека COP31 би можела да биде запаметена како „конференција на електрификацијата“.

– Електрификацијата не е само нова цел. Потребни се и конкретни чекори за спроведување на постојните климатски обврски. COP31 ќе придонесе за забрзување на глобалните инвестиции во обновливи извори и електрификацијата, а важно е конференцијата да се фокусира на имплементацијата, истакна Ла Камера.

Тој посочи дека целта електричната енергија да достигне 35% од учеството во глобалниот енергетски систем до 2035 година не претставува нова климатска обврска, туку практична мерка за исполнување на веќе поставените цели.

Според него, оваа цел е усогласена и со глобалните напори за ограничување на растот на просечната температура на планетата на 1,5 степени Целзиусови до крајот на векот.

– За првпат гледаме поместување кон конкретна акција. Зборуваме за преземање конкретни чекори на терен за зголемување на учеството на електричната енергија во енергетскиот систем на 35%, рече генералниот директор на ИРЕНА.

Осврнувајќи се на улогата на Турција во меѓународната енергетска и климатска дипломатија, Ла Камера оцени дека организацијата на COP31 и подготовките за самитот ја покажуваат нејзината позиција во глобалните климатски процеси.

Тој ги оцени позитивно подготовките и организациските активности на земјата домаќин, нагласувајќи дека тие се показател за нејзината посветеност и организациски капацитет.

Извор: Aa.com.tr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил